Фото: Архива

Топланите во Скопје и поголемите производствени капацитети ќе продолжат да работат на природен гас. Енергенсот ќе се набавува од бугарската компанија „Балкан Јутилитис“ за што вчера ЕСМ Продажба потпиша договор.

Од компанијата информираа дека бугарската компанија понудила цена од 115,97 евра за мегават час за јануари и дала понуда за снабдување до мај, а „Макпетрол“ понудила цена од 116,2 евра за мегават час.

– Договорот е потпишан со фирмата од Бугарија, за испорака на природен гас за јануари по цена од 115,97. Истата фирма даде понуда за снабдување и до мај наредната година, со тоа што ќе дава месечни понуди за цена пред почетокот на секој месец. Досегашниот снабдувач со гас на АД ЕСМ, Макпетрол Пром–Гас, понуди цена од 116,2 евра за мегават час, која не беше фиксирана, односно е подложна на корекции за јануари. Третиот понудувач не даде комплетна понуда – соопшти ЕСМ Продажба.

Повикот за прибирање понуди од домашни и странски компании беше објавен на 23. овој месец.

Претходно, компанијата „Макпетрол“ најави дека од 1 јануари нема да увезува и да испорачува природен гас поради, како што наведоа, новите услови за работа кои ги предвидува, според нив, прерано потпишаниот договор за интерконекција меѓу државното претпријатие „ГА-МА“ АД и „Булгартрансгас“. По ова уследи состанок во Регулаторната комисија за енергетика на кој претседателот на РКЕ Марко Бислимоски изјави дека проблемот е надминат и оти новите правила на пазарот ќе важат од 1 јануари.

Како што изјави Бислимоски во петокот, сите учесници на пазарот биле повикани да го следат текот на подготовката на новите подзаконски акти и биле информирани оти од 1 јануари тие ќе стапат во сила и дека треба да учествуваат според новите правила.

– Државата го има договорот со „Газпром“ и апсолутно си го почитува до крај. Овој дополнителен капацитет од 500 илјади нормални кубни метри за којшто „Булгартрансгаз“ и ГА-МА помогнаа да се зголеми, ќе биде предмет на аукција и за тој капацитет ќе може да се јават, а и веќе се јавиле од бугарска страна двајца трговци со природен гас коишто го закупиле. Тие штом го закупиле сигурно дале пари за тоа се и заинтересирани да влезат и на нашиот пазар за природен гас. Значи, тие 800 илјади нормални кубни метри остануваат во функција и „Газпром“ преку компанијата „Макпетрол“ може да ги стави на располагање на македонските потрошувачи – изјави Бислимоски.