Фото: Ели Коен /инстаграм

Израел повторно вети дека ќе го уништи Хамас и ги отфрли повиците за прекин на огнот од шефот на ОН, Палестинците и многу други земји на состанокот на високо ниво на Советот за безбедност на ОН, нагласувајќи дека војната во Газа не е само нивна војна, туку „војна за слободниот свет“.

Израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен, исто така, ги отфрли повиците за „пропорционалност“ во одговорот на земјата на ненадејните напади на Хамас врз Израел на 7 октомври во кои загинаа повеќе од 1.400 луѓе, а израелските одмазднички напади убија повеќе од 5.700 Палестинци во Газа, според Министерството за здравство на територијата кој е под контрола на Хамас.

– Кажете ми што е пропорционален одговор на убивање бебиња, силување и палење жени, обезглавување на дете. Како може некој да се согласи на прекин на огнот со некој кој се заколнал дека ќе го убие и уништи самото негово постоење – рече Коен.

Тој додаде дека пропорционалниот одговор на масакрот на 7 октомври е „целосно уништување, до секој последен член на Хамас“, нарекувајќи ја екстремистичката група „нови нацисти“.

Палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики повика на прекин на израелските напади.

– Тука сме денес да го запреме убивањето да го запреме тековниот масакр што се врши намерно, систематски и дивјачки од Израел, окупаторската сила, врз палестинското цивилно население – рече тој.

Малики додаде дека според меѓународното право „наша колективна човечка должност е да ги спречиме“.

– Мора да им биде јасно на оние кои активно се занимаваат со спречување на поголема хуманитарна катастрофа и нејзино ширење во регионот дека тоа може да се постигне само со итно ставање крај на израелската војна започната против палестинскиот народ во Појасот Газа –  рече палестинскиот дипломат.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го отвори редовниот месечен состанок на Советот за безбедност на ОН за Блискиот Исток, на кој овојпат присуствуваа неколку министри од клучните страни во војната меѓу Израел и Хамас, а десетина земји испратија свои министри во Њујорк.

Гутереш предупреди дека ситуацијата на Блискиот Исток станува се потешка секој час.

Тој рече дека расте ризикот војната во Газа да се прошири во регионот и повика на итен хуманитарен прекин на огнот за испорака на основна храна, вода, лекови и гориво. Исто така, истакна дека мора да се почитуваат законите на војната.

Гутереш рече дека поплаките на палестинскиот народ не можат да ги оправдаат „ужасните акти на терор од 7 октомври“ на Хамас во Израел и побара итно ослободување на сите заложници.

Сепак, истакна дека овие страшни напади не можат да го оправдаат колективното казнување на палестинскиот народ и изрази загриженост за јасното кршење на меѓународното хуманитарно право. Тој го нарече алармантно постојаното бомбардирање на Газа и нивото на уништување и цивилни жртви.

– Заштитата на цивилите е од најголема важност во вооружените конфликти – нагласи Гутереш.