Познати се имињата на членовите на работната група која ќе треба да ја подготви предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот, чиј предлагач е Владата.
Министерството за правда вчера го објави тимот експерти кои ќе учествуваат во работната група за уставни измени. Експертската работна група ќе ја сочинуваат Сали Мурати – поранешен претседател на Уставен суд, Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Бајрам Положани – поранешен уставен судија и професор по уставно право, Бранко Наумовски – поранешен претседател на Уставен суд, Јетон Шасивари – професор на Универзитетот на ЈИЕ, Ана Чупеска – професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Елена Михајлова Стратилати – професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Беса Арифи – професор на Универзитетот на ЈИЕ, Јагода Митревска – професор на Меѓународен Славјански Универзитет и Марија Пандевска – професор на Институт за национална историја.
Од Министерството за правда велат дека списокот на работната група ќе се дополнува во наредниот период и со други членови кои ќе дадат свој придонес во подготовката на уставните измени.
Претходно, свои членови во работната група номинираа и дел од полтичките партии и институции. СДСМ за свој претставник ја предложи Цветанка Иванова, Арбр Адеми е од ДУИ, Ремзи Мехмеди од Алијанса на Албанците, Соња Мираковска од НСДП, Нано Ружин од ЛДП, Христа Најданов од ДОМ, Темелко Ристески од Партијата на пензионери, Раметула Куќи од ДПА, Еран Куртиш од Партијата за движење на Турците и Бејџан Илјас од Демократската партија на Турците.
Од институциите предложени се Александар Спасов од Кабинетот на претседателот на Македонија, Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања и Шпенд Садики од Министерството за надворешни работи.
Се очекува, откако ќе се подготват измените, предлогот да ги помине сите работни тела во рамките на Собранието. Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови
Опозициските партии, меѓу кои и најголемата ВМРО-ДПМНЕ, и покрај повиците од власта, одбива да учествуваат во работната група. Остануваат на ставот дека нема да поддржат уставни измени и оти тие нема да бидат донесени за време на овој парламентарен состав.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера уште еднаш изрази надеж дека опозицијата сепак ќе ги поддржи уставните измени кои треба да и го отворат патот на земјата кон ЕУ.
Коментирајќи го предлогот на универзитетскиот професор по уставно право Александар Спасеновски за менување на актуелниот државен грб како можна отстапка кон ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски ја повика опозицијата слободно да ги достави своите предлози до Комисијата за уставни прашања која ќе биде формирана во Министерството за правда и таму ќе се разговара за нив.
– Слободно нека ги донесат сите свои предлози во Комисијата за уставни прашања која ќе биде формирана во Министерството за правда и таму ќе може да се разговара бидејќи гледаме, опозицијата ставовите дневно ги менува. Дали има легитимитет нашето членство во НАТО? Има, иако опозицијата не го поддржа. Ќе станеме членка на ЕУ и јас се надевам дека опозицијата еднаш нешто ќе поддржи. Опозицијата не го поддржа ни договорот Фронтекс за којшто почнува имплементацијата, каде првпат имаме македонски јазик со сите други јазици на ЕУ. Опозицијата ни тоа не го поддржа – рече Ковачевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, синоќа му реплицира на Ковачевски дека нема да учествуваат во работната група ниту ќе достават предлози за измена на Уставот и оти за време на овој парламентарен состав тоа нема да се случи. Го повика Ковачевски, ако смета дека има поддршка во Парламентот, да ги достави на усвојување уставните измени, но ако се покаже спротивното, да се оди на предвремени парламентрани избори.
– Јас сум кажал дека работната група е затворена тема за мене и за ВМРО-ДПМНЕ, но ако еве веќе толку му е мерак со тие уставни измени го повикувам час поскоро да ги достави до Парламентот и да ја затвориме таа тема, да не ја оптеретуваме јавноста со тоа дали ќе има или ќе нема уставни измени. Нека ја достави оваа иницијатива во Парламентот, нека не чека зашто нема да се смени ништо, ни во мај ни во јуни ниту во септември ниту во октомври. Нека ги достави во Парламентот и ако има 80 пратеници јас заминувам од политиката тој продолжува да биде премиер, а ако нема 80 пратеници тогаш треба да одиме на избори – нагласи Мицкоски.
Повтори дека во овој парламентарен состав уставни измени ќе нема и тоа, како што посочи, му е јасно и на Ковачевски.
На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да прифати менување на државниот грб за да се заврши процесот на менување на уставните измени, Мицкоски рече дека тоа се два паралелни процеса и не се поклопуваат еден со друг и немаат никаква меѓусебна врска.
Универзитетскиот професор по уставно право и поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Александар Спасеновски во тв-интервју ја изложи идејата за менување на државниот грб како можност да се придобие опозициската партија да прифати уставни измени. Спасеновски истакна дека можеби треба да се размислува за предлогот за црвен лав на жолта позадина со пет кули, кој во 2014 година за државен грб го предложи тогашната влада на ВМРО ДПМНЕ, а доби и позитивна оценка од ДУИ, но не помина во Собранието. Според него, оваа измена би била во светло на декларираната заложба на Владата за унапредување на единството и можност да се дискутира со опозицијата и да се обезбеди нејзина согласност околу текстот на уставните измени.
Постапката и начинот за извршување на уставни измени, е регулирана со членовите 129, 130 и 131 од Уставот.
Член 129 предвидува дека Уставот се изменува и дополнува со уставни амандмани. Предлог за пристапување кон измена на Уставот, според член 130, може да поднесат претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани.
Во член 131, пак, пишува дека одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Нацртот за измената на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и го става на јавна дискусија. Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Измената на Уставот ја прогласува Собранието.