Фото: ЕПА

Двајца шведски државјани беа убиени вчера вечерта од вооружен напаѓач во белгискиот главен град Брисел, соопшти претставник на бриселската полиција.
Напаѓачот, кој носел портокалова јакна и бела кацига, веднаш по инцидентот побегнал од местото она настапот. Според белгиското Јавно обвинителство, инцидентот се третира како терористички напад.
Во Брисел денеска продолжува полициската потрага по човекот осомничен за убиството на двајцата шведски државјани и ранувањето на трето лице во нападот што и белгискиот премиер Александре де Кро го оквалификува како терористички, јави ДПА.

-Вчера три лица излегоа со намера да одат на прекрасен фудбалски празник. Двајца од нив го загубија животот во брутален терористички напад – изјави Де Кро на прес-конференција утринава.

– Се верува дека осомничениот е маж со туниско потекло кој илегално живеел во Белгија – рече Де Кроа.

-Сторителите конкретно ги нападнаа шведските навивачи кои дојдоа во Брисел на фудбалскиот натпревар на „црвените ѓаволи“, рече премиерот, мислејќи на натпреварот меѓу репрезентациите на Белгија и Шведска на стадионот „Крал Бодуен“ во Брисел, кој беше прекинат по прво полувреме поради нападот.

-Терористите мора да разберат дека никогаш нема да успеат во својата намера. Никогаш нема да успеат да ги потчинат нашите слободни општества. Со својата омраза и насилство тие само покажуваат немоќ – рече Де Кро.

Де Кроа посочи дека полициското присуство во белгискиот главен град ќе биде зголемено.

Мерките за безбедност, исто така, ќе бидат зголемени на голем број чувствителни локации, особено оние поврзани со шведската заедница, рече тој, а проверките ќе бидат засилени во остатокот од Белгија.

Де Кро ги повика сите во Брисел да бидат внимателни. Попладне ќе заседава Советот за национална безбедност, додаде премиерот на Белгија.

Убиените Швеѓани носеле дресови на шведската фудбалска репрезентација, па бидејќи во Брисел играше меч од квалификациите за Европското првенство во фудбал во 2024 година меѓу Белгија и Шведска, се претпоставува дека допатувале во белгискиот главен град за следење на натпреварот. Инцидентот се случил околу 19:15 часот на околу пет километри од стадионот, каде што се игра мечот.

Поради нападот шведските навивачи беа задржани на стадионот, а натпреварот беше прекинат.

– По терористичкиот напад во Брисел оваа вечер, во консултација со двете селекции и локалните полициски власти, одлучено е квалификацискиот натпревар меѓу Белгија и Шведска да биде прекине – изјави вчера претставник на УЕФА.

На социјалните мрежи вчера се појави снимка на маж кој зборува арапски јазик и тврди дека е припадник на Исламска држава и дека тој го извршил нападот „во името на Алах“, но и дека убил три лица. Белгиското Федерално јавно обвинителство потврди дека е запознато со видеото, но не може да ја потврди веродостојноста на тврдењата во него.

Дел од локалните медиуми објавија аматерски видеа на кои се гледа маж како стрела неколку пати од пушка, а некои пренесоа и изјави на очевидци кои тврдат дека пред да почне да пука извикал „Алаху Акбар“ („Алах е Голем“).

Властите на Белгија го подигнаа степенот на тревогата за тероризам во Брисел на највисоко ниво, додека во остатокот од земјата тој е на подигнат на едно ниво подолу.

Во врска со нападот се огласи и францускиот претседател Емануел Макрон, кој од Тирана изјави дека Брисел одново се соочува со „исламистички терористички напад“. – Европа се тресе, рече Макрон.

Нападот доаѓа во време на засилени безбедносни мерки поврзана со конфликтот меѓу Израел и Хамас, што резултираше со зголеми тензиите во неколку европски земји, но засега нема потврда дека тој е поврзан со случувањата на Блискиот Исток.