Настани, симболи, алузии

Чукна часот! Тргна возот! Македонија оди во Европа. Само прашање е до каде и кога ќе стигне.
Додека бевме млади со браќата, мајка ми Милка често ја употребуваше реченицата „Допрва ќе си видите“. Неа ја користеше во моменти кога не ги прифаќавме нејзините мислења, кога се потсмевавме на нејзината благост и кога со младешки зовриен дух мислевме дека за се сме во право. За минатото, за сегашноста, особено за иднината. Не зборуваше, не објаснуваше многу. Сметаше дека само таа реченица е доволен доказ оти мислиме наивно и дека е загрижено родителско предупредување за она што не чека во животот.

Мајкините зборови од пред педесеттина години не само што ми ги провоцираат спомените туку силно ме поттикнуваат на правење паралела со сегашнава ситуација во однос на престојниот преговарачки процес со Европската Унија, поточно на односите меѓу Македонија и Бугарија. Анализирајки ги содржините на Францускиот предлог, Преговарачката рамка, Протоколот и Декларацијата за јазиците, документи што ги прифатила или ќе ги прифати и потпише македонската влада, силно ми го наметнуваат стравот дека ние Македонците „допрва ќе си видиме“ што ќе се случува и што не чека во долгиот пат на преговорите. За нив се знае – имаат почеток, но прашање е дали ќе имаат ефективен крај.

Зошто допрва ќе си видиме? Ќе си видиме допрва затоа што власта не го гледа она што го гледа секој разумен, доволно писмен човек. Па дури и на неписмен му е јасно дека почнува процесот на гаснење на Македонија, на македонското име, идентитет, историја, јазик, писмо вековни традиции. Тоа гаснење е навестено во сите документи, иако македонските политичари лажно тврдат дека такво нешто нема да се случи. А не лажат само сега, за тие прашања лажат пет години. На разни начини се криеа во дупки, а сега немирно спијат на лицемерни европски ловорики.

Процесот на преговори ќе биде сликата на движењето на Исус Христос од судницата до Голгота кај што беше распнат без никаква вина.

Додека македонските власти вријат во котелот на сопствените заблуди Бугарија ја има отпочнато проеврпската офанзива за докажување на нивните ставови дека Македонија е творба на Коминтерната и Тито, дека Македонците се измислена нација која нема свој идентитет и јазик. Иако владата е во оставка, иако таму владее политички и партиски хаос, во однос на Македонија нештата се одвиваат во совршен ред. Со полна пареа се печатат нови изданија на книги, научни трудови каде се негира историското постоење на македонскиот народ. Во антимакедонскиот јарем се впрегнати и позиција и опозиција. Ангажирани се цели тимови на научници, историчари, лингвисти, филозофи, социолози кои од ден во ден објавуваат текстови во кои докажуваат дека нема таков народ, нема јазик со такво име. Кој ќе го запре тоа?

Додека тие ќе печатат по свои теркови, Македонија ќе треба да ги доставуваат своите издавачки планови на одобрување во Софија. Како што ќе се прави со учебниците и со сите наставни програми, како што на проверка ќе подлежи секој напишан и објавен текст кој нема да му се допадне на некој Бугарин во Бугарија или било каде во светот. Можеби или таква постапка ќе се бара и од Универзитетите, дури и од МАНУ, најверојатно.

Сето ова го пишува во Протоколот објавен од бугарска страна. Кој не верува нека провери за да се увери.

Преговарачката рамка е полна со ултиматуми кон Македонија наместо со предлози за соработка меѓу двете земји и двата народа. Во еден таков документ нема ниту збор за односите во културата, во спортот, дејности во кои може да се пробие мразот во односите. На пример, соработка врз основа на реципроцитет во објавување книги, поезија и проза, во гостување на театри, опери и балети, сликарски изложби, фестивали на забавни и народни песни, спортски натпревари. Угасна авионската линија – Софија- Скопје, заборавена е пругата до Ќустендил, зафрлени се плановите за кордорот 8. Никој за такви нешта не зборува, ниту овде, ниту во Бугарија, ниту во Европа. Сѐ што е во преговарачката рамка е само гнила политика, политикантство од највисок ред.

Реченицата „допрва ќе си видите“, во случајов може да се дополни и со неколку народни изреки. Таква е на пример изреката „од главата си патиме“ или „со свој камен по своја глава“. Уште посликовити се и „што си дробел, тоа ќе си сркаш“, и „како што си послал така ќе си легнеш“.

Не е исклучено прифаќањето на француската рамка за преговорите да има „бумеранг ефект“ врз македонските власти. Како што е познато, бумеранг е она овално дрвце што Абориџините во Австралија го користеле за лов. Англичаните ги истребија Абориџините, а после, по европски, се извинија. Тој ефект може да им се повтори на македонските власти. Сето ова што сега тие му го прават на македонскиот народ може да им се врати и на нивна глава, како што се враќа бумерангот.

За крај сакам да ви прераскажам една стара народна песна, песна за Стојан и мајката. Песната може да има врска со ова време, но и не мора. Секако е интересна. Во турско властите собирале мали машки деца кои станувале јаничари, најсуровиот дел од војската. Кога аскерот дошол во селото го грабнале малиот Стојан. При грабањето, мајката, врискајки и молејки, искористила прилика намерно да му ја изгори со жаросана маша десната рака на своето синче. Видела каква лузна оставила. Поминале години, чекала мајката и дочекала. Дошол аскерот по нова тура деца. Мајката ја препознала раката на својот син и завикала Стојане, синко, Стојане. Доближувајки се до него, последно што видела, видела како Стојановата рака ја сече главата на сопствената мајка.

[email protected]