Фото: Маја Јаневска-Илиева

Чест ми е што ме повикува да му бидам советник за кардиохирургија, но не ме повикал лично, вели за „Нова Македонија проф. д-р Сашко Јовев, кого министерот за здравство Фатмир Меџити го разреши од функцијата директор на Државна кардиохирургија.

-Ќе размислам, иако сепак мислам дека местото ми е на клиниката, како директор и лидер на младиот тим, за што повеќе успеси и за што повеќе излекувани пациенти – рече д-р Јовев.

Кардиохирургот вчера одржа прес-конференција пред влезот на установата поддржан од вработените и пациенти. Тој на новинарите им изјави дека не е партиски кадар и побара политиката да се држи понастрана од професиите. Неговиот адвокат изјави дека во решението за разрешување е наведена само една, и тоа како што нагласи, нелогична причина, неодобрени дежурства за два месеци од времето на министерувањето на Беким Сали при што нагласи, дека во една уставова каква што е Кардиохирургија, незамисливо е да нема дежурства.

Меџити го повика Јовев да му биде национален советник за кардиохирургија

Денеска Меџити денеска упати повик до разрешениот директор да биде негов национален советник за кардиохирургија.

– Буџетот што го наследив, беше многу дефицитарен. Имаме барање од Кардиохирургија, претходно во разговор со професорот и други колеги и со ребалансот на буџетот сум подготвен да побарам да се зголеми тој буџет, со цел Клиниката за кардиохирургија и програмата за трансплантација да функционираат подобро и да ги зголемиме позитивните резултати и да им излеземе во пресрет на пациентите – додаде министерот.

Тој нагласи дека Јовев ќе продолжи да биде вработен во Клиниката и ќе ја има неговата поддршка во понатамошното работење.

Иако нема никакви ингеренции за директорските места на клиниките, премиерот Димитар Ковачевски рече дека разговарал со министерот за здравство, Фатмир Меџити, за разрешувањето на кардиохирургот Сашко Јовев од функцијата директор на Клиниката за кардиохирургија. Одговарајќи на новинарско прашање по денешната лидерска средба, премиерот Ковачевски рече дека го советувал Меџити за смената на директорот.

Ковачевски го советувал Меџити да разговара со д-р Јовев за идна соработка

-Именувањето и разрешувањето директори во здравствените институции е исклучива надлежност на министерот за здравство. Јас разговарав со министерот за здравство, му кажав да ја образложи одлуката на брифинг со новинарите. Мислам дека тоа веќе го стори и да разговара со Јовев за понатамошните чекори за нивна соработка – рече премиерот Ковачевски.

Инаку, денес д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво, во името на целото друштво го изрази незадоволството од одлуката на Министерството за разрешувањето на д-р Јовев.

-Разрешувањето на проф. д-р Сашко Јовев од место директор на Кардиохирургија деновиве ја бранува јавноста и лекарската фела пред се од причина што образложението на МЗ за оваа постапка сметаме дека е неиздражано и небулозно. За лекар, кој прв пат во Македонија направил трансплантација на срце и досега заедно со својот тим, кој тој го формирал и на светски стручно ниво вршел и други трансплатации на срце, како и интервенции со кои се спасени многу животи од други заболувања на срце кај пациенти, оваа одлука навистина е неразибрлива. Македонското лекарско друштво е против ваквата одкука на МЗ за разрешување на Јовев и изјавата на минстерот за здравство дека не му требаат директори кои шест месеци не дале резултати е неоснована – рече Димитров.

Тој нагласи дека оваа одлука е лоша порака за младите лекари, бидејќи се разрешува некој, кој постигнува резултати на национало и интернационално ниво.

-Сметаме дека одлуката на Министерството за разрешување на професорот Јовев сепак ќе се повлече и дека ваквите врвни, стручни лекари македонското здравство и институциите на системот ќе знаат да ги зачуваат, почитуваат и наградуваат наместо да ги казнуваат – нагласи Димитров.

Проф. д-р Јовев беше лидер на тимот кој ја направи првата трансплантација на срце во земјава, среде пандемија, а ги предводеше и останатите. Н.Б.З.