Иако нема никакви ингеренции за директорските места на клиниките, премиерот Димитар Ковачевски разговарал со министерот за здравство, Фатмир Меџити, за разрешувањето на кардиохирургот Сашко Јовев од функцијата директор на Клиниката за кардиохирургија. Одговарајќи на новинарско прашање по денешната лидерска средба, премиерот Ковачевски рече дека го советувал Меџити за смената на директорот.
-Именувањето и разрешувањето директори во здравствените институции е исклучива надлежност на министерот за здравство. Јас разговарав со министерот за здравство, му кажав да ја образложи одлуката на брифинг со новинарите. Мислам дека тоа веќе го стори и да разговара со Јовев за понатамошните чекори за нивна соработка – рече премиерот Ковачевски.
Меџити го повика Јовев да му биде национален советник за кардиохирургија
Тој е задоволен што од сите страни јасно се слушнало дека не постои политички притисок за смената.
-Министерот за здравство е тој што управува со сите организации во здравството, има над 130 директори и заменици. Тоа се колеги, се познаваат со години и одлуките треба да се носат по мерит-систем и врз основа на извештаи од органи во Министерството – рече премиерот Ковачевски.
Министерот за здравство, Меџити утрово извести дека му предложил на Јовев да му биде советник, но и покрај најавата, досега не кажа прецизни причини поради кои го разреши.