Грчкиот генерал Михалис Костаракос изрази негодување поради наводните притисоци со кои се соочуваат изведувачите на маршот „Славна Македонија“ во Грција, за што ги обвинува грчките власти што го поддржуваат Преспанскиот договор, пренесува весникот „Прототема“.

– Она што ме плаши и што го сметам за потполно неприфатливо, претставува насочувањето на прогонот од страна на поддржувачите на Преспанскиот договор кон познатиот марш „Славна Македонија“ кој владата и државата се обидуваат да го забранат и избришат од сеќавањето и од традициите на народот, преку наредби и закани – кажа Костаракос.

Се крена голема врева околу маршот во Грција, откако во тамошната јавност имаше повеќе негативни коментари и повици за забрана. Грчкото министерство за цивилна заштита, наводно, реагирало бидејќи бендот на крајбрежната стража ја извел песната на улиците на Атина. Неколку средношколци биле избркани од училиште откако ја пееле песната на парада. Според непотврдени информации, воениот врв на грчката армија издал „тивка забрана“ за изведување на песната од страна на нејзините единици. Изведувањето на маршот вообичаено е поврзувано со слоганот „Македонија е една и грчка“ што, исто така, предизвикало реакции, при што било побарано од грчката влада да реагира. Министерството за одбрана на Грција соопштило оти „нема потврда за користење на спорната парола“.

„Славна Македонија“ или „Позната Македонија“ е песна која Грците во Егејска Македонија ја сметаат за патриотска и неофицијална химна на тој регион. Песната се изведува на паради и национални грчки прослави. Во антикомунистичката песна опеани се грчките подвизи за припојување на Егејска Македонија кон Грција и за протерувањето на Бугарите кои го контролирале регионот за време на Втората светска војна.

Михалис Костаракос изрази негодување поради наводните притисоци кон изведувачите на маршот „Славна Македонија“