Фото: Игор Бансколиев

Министерството за здравство информира дека вчера на главниот координативен кризен штаб е усвоен заклучок за нови рестриктивни мерки, односно забрана за летови од нашата земја до и кон Велика Британија до крајот на годината

Дали новиот мутиран вирус на ковид-19, откриен во Велика Британија, е нова сериозна опасност за Европа и за светот? Може ли навреме да се спречи неговото ширење, се само дел од дилемите пред кои Европа повторно е исправена. Многу европски држави ги прекинаа авионските линии со Британија, а Македонија најавува и 14-дневна самоизолација за лица што во државата доаѓаат од Англија. Откако и официјално е потврден нов мутиран вирус на ковид-19, Велика Британија се соочува со истите последици како Италија пред 10 месеци.
Британски медицински експерти рекоа дека нема докази дека новата варијанта на вирусот е посмртоносна или дека поинаку ќе реагира на постојните вакцини, но оти се покажало дека е до 70 отсто попренослива.
Комисијата за заразни болести во земјава ја усвои мерката за самоизолација превентивно, по информациите дека нова мутација на коронавирусот се шири во Велика Британија и дека, според првичните епидемиолошки анализи, е позаразна. Министерството за здравство, пак, информира дека вчера на главниот координативен кризен штаб е усвоен заклучок за нови рестриктивни мерки, односно забрана за летови од нашата земја до и кон Велика Британија до крајот на годината.
– Дополнително мерката за задолжителна 14-дневна самоизолација за сите граѓани што со директни летови ќе дојдат во земјава од Англија ќе важи и за патниците што од Велика Британија по копнен пат ќе стигнат во нашата земја – соопштија од ресорното министерство.

Епидемиологот Александар Стојанов вели дека е логично тоа што вирусите мутираат, зашто тоа е типично за нив.
– Но за овој условно речено „нов“ тип вирус во Англија не можеме ништо засега да кажеме, освен што државата презема одредени мерки. Сѐ уште не може да се каже дали е поагресивен од ковид-19. Ја следиме состојбата – посочува тој.
Сепак, се надева дека вакцината против ковид-19 ќе помогне во ширењето и на сите овие мутации на вирусите.
Вирусите често мутираат, а научниците откриле илјадници различни мутации меѓу примероците на вирусот што ја предизвикува болеста ковид-19. Многу од овие мутации немаат никакво влијание врз стапката на ширење и сериозноста на симптомите.
Британските медиуми пренесуваат дека прашањето со кое се соочуваат научниците е дали мутацијата на коронавирусот наречена ВУИ-202012/01 спаѓа во таа категорија и дали претставува зголемен ризик по здравјето. Засега останува и дилемата дали неодамнешното брзо ширење на вирусот на југот на Англија е поврзано со луѓе што заразиле многу други, можеби затоа што ги игнорирале ограничувачките мерки.
Светската здравствена организација (СЗО) сѐ уште нема докази дека новата варијанта на коронавирусот ќе доведе до зголемена смртност.

Ова го изјавила Силви Брајан, една од директорите на оваа организација, која додала и дека вирусите се менуваат.
– За да утврдиме дали мутацијата ќе има влијание врз здравјето на луѓето, ќе мора да направиме дополнителни истражувања во лабораторијата. Во овој момент не гледаме промена на стапката на смртност – посочила таа.
Брајан додаде и дека ќе се спроведат нови истражувања за ефикасноста на вакцината против новата варијанта на коронавирусот, иако засега, според неа, ништо не упатува дека ќе има разлика во однос на делотворноста.

[email protected]