Извршниот директор на „Спејс екс“ Илон Маск соопшти возбудлив план за тестирање и конструкција на флота ракети „Старшип“ за кои тврди дека евентуално ќе можат да носат луѓе на патувања до Месечината, Марс и до други вселенски дестинации, пренесуваат светските медиуми.

Стоејќи пред новоконструираниот прототип „Старшип Мк1“ во просториите на компанијата во Јужен Тексас, Маск истакна дека очекува првиот пробен лет да биде изведен за еден до два месеци. Според неговиот план, треба да бидат конструирани уште четири верзии на супер-ракетата, додека првото лансирање се очекува за шест месеци. Во тек е создавањето на следната верзија „Мк2“. Првата вселенска мисија со екипаж би можела да се одржи најрано следната година.

Маск призна дека зададените временски рамки за реализација на неговите проекти претходно имале тенденција да бидат преоптимистички, но сугерираше дека сега тоа е одлика, а не проблем.

– Ако распоредот е долг, тоа е погрешно. Ако е стеснет, тоа е правилно – порача Маск.

Забрзаниот распоред беше од корист во конструкцијата на моделот „Старшип Мк1“ со должина од 50 и широчина од девет метри, кој наликува на блескавите ракети со заострен врв замислени уште во 50-те години на минатиот век. Идејата поприми облик за само неколку недели по тестирањето на помалиот прототип наречен „Стархопер“.

Илон Маск го претстави новиот прототип „Мк1“