Комичарот без политичко искуство освои најмногу гласови во првиот круг од претседателските избори во Украина

Комичарот без политичко искуство Владимир Зеленски (41) освои најмногу гласови во првиот круг од претседателските избори во Украина, покажуваат анкетите од гласачките места. Зеленски кој го глуми украинскиот претседател во ТВ-серија, освоил 30,2 отсто од гласовите по 50,4 преброени гласови, според изборната комисија на Украина. Актуелниот украински претседател Петро Порошенко, кој ќе му биде ривал на Зеленски во вториот круг за три недели, освоил 18 отсто од гласовите. Излезеноста во првиот круг изнесуваше 64 отсто, објавуваат светските медиуми.

Ваквите резултати ги соочуваат Украинците со избор помеѓу статус кво и непознатото во вториот круг. Бизнис-магнатот Порошенко, од неговиот избор во 2014 година, се мачи да ја заврши војната со сепаратистите во државата и да ги исполни ветените реформи, со што незадоволството на народот од неговото водство е евидентно. 

Фрустрацијата му ја „отвори вратата“ на Зеленски чиј единствен допир со политиката претставува толкувањето на улогата на украинскиот претседател во популарна ТВ-серија. Политичките ставови на комичарот уште се непознати, освен ветувањето дека ќе ги спроведе потребните реформи. Во текот на кампањата, тој избегнуваше да разговара со новинарите, а наместо тоа одржуваше настапи што наликуваа на политички митинзи, за кои наплаќаше влезници. Наспроти неговото водство по првоиот круг многумина Украинци се сомневаат во неговите политички способности. 

Но, иако агендата на Зеленски не е позната, извесно е дека тој ќе донесе промена во однос на статусот кво на политичката сцена на Украина. Аналитичарите, сепак, сметаат дека нема да има значителни измени во однос на надворешната политика. Двајцата кандидати се свртени кон Западот, иако се јавија сугестии оти Зеленски е подготвен на отстапки за завршување на конфликтот со Москва.