Над 90 отсто од невработените во земјава се функционално неписмени или нефункционално писмени, а 63 отсто од нив се без основно или незавршено основно образование. Ова е фактичката состојба, ова е кадарот кој жедниот пазар за труд не може да го впие зашто е несоодветен. За ова мора да зборуваме, ова е децениски проблем и исклучително важно. Концептот на доживотно учење, на доквалификација и преклвалификација е реалност која секој мора да ја прифати. Тоа е можеби тешко, имајќи го предвид системот од кој излеговме, но поминаа три децении и редно е да го фатиме чекорот. Треба да се свртиме кон вработливоста, да го мериме кадарот со квалификации потребни за современиот пазар на труд кој веќе не подразбира тешка индустрија, туку роботика, мегатроника и вештачка интелигенција.
Ова го истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во обраќањето на денешната Национална конференција „Подобрување на системот за СОО во 5 региони – потенцијал и проценка на капацитетите на средните стручни училишта во регионите“.
Битиќи напомена дека средните стручни училишта се можеби столбот за развој на образованието, а младите, пазарот на трудот и миграцијата се трите меѓусебно поврзани фактори кои мора така, холистички, да се гледаат.
Според вицепремиерот, за ситуацијата треба да се зборува отворено и проблемите јасно да се кажат зашто во спротивно, прогрес не може да се постигне. Сега кога сме во скрининг процес, треба точно, фактички и искрено да измапираме каде сме јаки, а каде слаби, на што треба да работиме со многу интенција, но и да разбереме дека сето тоа не го правиме за некој друг, туку за нас, за нашата иднина и нашиот развој.
– Млади, пазар на труд и миграција – сите се поврзани и меѓусено зависни и ако не ги гледаме холистички и не успееме да ја адресираме нивната комплексност, ќе имаме и следни 30 години во кои ќе се прашуваме што правиме погрешно. Фактите се непријатни и не звучат политички позитивно. Веројатно се очекува од некој што е на позиција како мојата да ги каже на јавен настан само добрите вести. Но, се додека не зборуваме со факти, со вистината или реалноста на ситуацијата, нема да го постигнеме прогресот што ни треба, нагласи Битиќи.
Заменик-министерот за образование и наука Љуљзим Алиу посочи дека еден од најголемите предизвици за земјава е зајакнувањето на човечкиот капитал за инклузивен економски развој.
– Квалитетот на образованието е основа за развојот на човечкиот капитал, реформски процеси во националниот образовен систем, меѓутоа потребни се дополнителни инвестиции за подобрување на процесот на учење. Една од иновациите е националната процена на тестирањето со што ќе се исполнат условите на следењето, еволуцијата на успехот на учениците во основните училишта на национално ниво, рече Алиу.
Нагласи дека во стручното образование започна суштинска реформа со цел да се оформат млади луѓе кои се подготвени да ги пресретнат барањата на пазарот на трудот. Минатата учебна година во сите средни стручни училишта, како што нагласи, имавме 97 дуални паралелки и повеќе од 1.400 ученици во истите. Оваа година имаме над 200 дуални паралелки и 2.700 ученици, лани имаше 250 вклучени компании, а годинава има над 400 компании вклучени во овој процес.
– Дел од промените што се преземаат со воспоставување на регионалните центри за стручно образование на национално ниво се насочени кон иновациска култура на регионално и национално ниво. Во фокусот е да инвестираме во развивање на заедници што учат со здружување на учениците, студентите, наставниците, професорите, родителите и бизнис заедницата. За таа цел во април оваа година официјално се усвои концептот за развивање на регионални центри за стручно образование и обука согласно стратегијата за образование 2018/20225 година. Концептот беше подготвен на иницијатива на МОН, а започна преку спроведување на истражувања за образовната понуда и побарувачката на работни вештини на пазарот на трудот. Дополнително се одржуваа консултации со меѓународните и националните чинители. Во таа насока верувам дека и денешните анализи се засновани на голем број консултации со сите засегнати страни што се вклучени во овој процес, рече Алиу.
Важноста на размената на информации, додаде тој, се увиде и во рамки на социјалниот дијалог што МОН го води со бизнис заедницата, стручните училишта и локалните самоуправи.
– Преку кампањата „Учи паметно, работи стручно“ што во континуитет се спроведува изминативе две години се идентификувани локалните потреби за одредени стручни профили кои веќе се дел од уписната политика за средните стручни училишта. Токму во соработка со деловната заедница и Стопанската комора се повтори вредноста на концептот на дуално образование. Тоа е ефикасен и ефективен пристап за учење директно на работното место во компанијата што овозможува стекнување практично применливи знаења и вештини и создавање на добро подготвена работна сила за настап на пазарот на трудот веднаш по завршување на образованието, посочи Алиу и нагласи дека регионалните центри за стручно образование и обука треба да се лидери во промовирањето на овој образовен концепт.
Регионалните центри за стручно образование и обука, како шт кажа, може да играат суштинска улога за унапредување на образовниот систем со иницијативите за иновации, економски развој и конкурентност и додаде дека денешните согледувања од обемната истражувачка работа направена во проектот за петте региони – Скопски, Пелагониски, Источен, Југоисточен и Вардарски регион ќе преставуваат солидна основа за зајакнување на реформските процеси во делот на стручното образование и обука.
Национална конференција „Подобрување на системот за СОО во 5 региони – потенцијал и проценка на капацитетите на средните стручни училишта во регионите“ е дел од активностите на проектот „Зголемување на атрактивноста, инклузивноста и релевантноста на стручното образование и обука и образованието на возрасни“ чија цел е усогласување на вештините на младите и возрасните согласно потребите на пазарот на труд преку зголемување на пристапот до квалитетно стручно образование, обука и образование за возрасни.