И Македонија е силно погодена од високите цени на струјата и веќе работи на регионално поврзување со соседните земји, како форма за полесно справување со кризата, прво преку иницијативата Отворен Балкан, но и преку потесна енергетска соработка со Грција и со Бугарија

Енергетската и економската криза сè посилно тропаат на врата, така што повеќето земји почнаа да ги обновуваат старите сојузи, но и да се здружуваат преку разни други иницијативи, со единствена цел полесно справување со последиците од кризите, кои, според оцените на економските аналитичари, ќе бидат најголеми во човечката историја.
Засилена соработка на планот на справување со енергетската криза најавија Унгарија, Полска, Чешка и Словачка како дел од Вишеградската група, за да можат заеднички да обезбедат непречено снабдување со енергенти на своите граѓани, без оглед на различните политички гледишта по одредени прашања.
Енергетска соработка најавија и Франција и Германија, како и повеќето скандинавски земји, кои се погодени од прекинот на испорака на руски гас.
А дека без помош и заеднички настап ниту една земја од регионот не може да ја преброди енергетската криза најдиректно објасни црногорскиот премиер во оставка Дритан Абазовиќ, според кого, помалите земји немаат толку пари за да купуваат скапа струја на дневна основа и дека тоа ќе ги уништи нивните кревки економии.
– Два милиона евра даваме секој ден на увоз на струја. Не можеме долго да издржиме вака. И не само ние, не знам која економија би можела да го издржи ова. Земјите-членки на ЕУ ќе им дадат финансиска поддршка на своите членки. Ние, како и за време на корона-кризата, ќе извисиме… Не сме членка на ЕУ. Ќе се обидеме на некој друг начин да ги санираме работите – порача Абазовиќ, кој е сериозно заинтересиран Црна Гора да се вклучи во иницијативата Отворен Балкан.
И Македонија е силно погодена од високите цени на струјата и веќе работи на регионално поврзување со соседните земји, како форма за полесно справување со кризата, прво преку иницијативата Отворен Балкан, но и преку потесна енергетска соработка со Грција и со Бугарија. Првите кубици гас од интерконекторот во Грција се очекува во земјава да пристигнат најдоцна во средината на 2024 година, додека со Бугарија е договорена испорака на електрична енергија од октомври до март.

Очигледно, кризата наметна засилено регионално поврзување, а последната таква иницијатива се случи вчера во рамките на процесот „Брдо-Бриони“, на кој учествуваше македонскиот претседател Стево Пендаровски, на кој се дискутираше за актуелните клучни теми во регионот и Европа, за процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, за безбедносната состојба и руската агресија врз Украина, како и за мерките и начините за справување со енергетската и економската криза со кои се соочуваме, како последица на војната во Украина.
Претседателот Пендаровски потенцира дека на земјите од Западен Балкан им е неопходен пристап до механизмите на ЕУ што поскоро, како поддршка за справување со претстојната енергетска криза, и посочи дека економската и социјалната криза може да предизвикаат повеќегодишна политичка криза и да генерираат дополнителна нестабилност. Од тие причини, македонскиот претседател апелира на засилена соработка и дијалог, со цел да се ублажат последиците од војната во Украина.
На состанокот во Крањ, по покана на словенечкиот и на хрватскиот претседател, Борут Пахор и Зоран Милановиќ, учествуваа претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседавачот и двајцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, Милорад Додик и Жељко Комшиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
Експертите не гледаат ништо лошо во регионалното здружување за справување со енергетската криза, но апелираат веднаш да се пристапи кон изградба на домашни енергетски капацитети бидејќи секоја земја првенствено ќе гледа да си ја развие сопствената енергетска инфраструктура. За нив, поважно е европските пари да се слеат во изградба на вакви капацитети низ државата, наместо парите да се трошат на дневна основа за купување скапа берзанска струја. Е.Р.