Фото: Архива

НБРМ со свој извештај што не влева оптимизам за развојната (и граѓанска и бизнис) компонента

Деновиве Народната банка на Македонија излезе во јавноста со интересни информации содржани во свој изготвен извештај во врска со каматните стапки на кредитните линии за граѓаните и за компаниите. Во извештајот на НБРМ имаше и интересни информации за деловните банки и нивната остварена бруто-добивка во првите шест месеци од годинава.

Раст на каматните стапки и задушување на бизнисот и на домаќинствата

Во информацијата на НБРМ се вели дека каматната стапка на новоодобрени денарски кредити за домаќинствата во вториот квартал годинава изнесува 5,9 отсто. Втората информација, пак, во врска со кредитите за домаќинствата беше дека каматната стапка на девизните кредити изнесува 4,3 отсто. Извештајот на НБРМ покажа дека има благо намалување на каматните стапки на кредитите во денари, и тоа од 0,2 отсто. Ист толкав е процентот на зголемување на каматната стапка за кредитите што граѓаните ги подигаат во девизи.
Значаен момент што заслужува да се издвои од информацијата на НБРМ е дека со едноставна споредбена анализа ќе се констатира дека каматните стапки во првиот квартал годинава во споредба со минатата година се зголемиле за еден процент.
Третиот момент што е значаен за издвојување е дека кредитните линии за компаниите што им се потребни за одржување на бизнисите, за инвестиции и за развој се исто така сериозно поскапени. Од информацијата на НБРМ може да се види дека за една година каматните стапки на кредитите што ги земаат компаниите се зголемени за над 2,5 отсто во девизи и за речиси 2 отсто во денари.

Растат каматите, а растат и добивките на деловните банки

Во извештајот на НБРМ се вели дека трите најголеми банки во Македонија во првите шест месеци од годинава, кумулативно оствариле бруто-добивка од речиси 86 милиони евра. Прва е Комерцијална банка со остварена бруто-добивка од над 32 милиони евра, а следуваат НЛБ Тутунска банка со 27 милиони евра и Стопанска банка со 26 милиони евра бруто-добивка остварена за временски период од јануари до јуни оваа година.
Во публикуваната информација на Народната банка се открива дека за разлика од првиот квартал кога има стагнација на кредитирањето, во вторите три месеци од годинава кредитната активност на комерцијалните банки се зголемила за 2,6 отсто. Во април, мај и во јуни граѓаните најмногу подигнувале потрошувачки кредити од комерцијалните банки. Втори на листата се станбените кредити, а најмал дел од граѓаните што решаваат да се задолжат во банките е за автомобилски кредит.

Во Италија, премиерката Мелони со драстични мерки за оданочување на
дополнителниот профит за банките поради зголемувањето на каматните стапки

Италија објави дека ќе ги подложи на еднократен данок од 40 отсто од банките, откако беше констатирана информацијата дека банките имале „милијарди дополнителен профит од зголемувањето на каматните стапки“. Италијанската влада, која го одобри деновиве овој данок во своја официјална изјава, потврди дека „планира да ги искористи овие приходи од воведениот данок за поддршка на имателите на хипотеки и за намалување на даноците, во време кога зголемените стапки извршија дополнителен притисок врз домаќинствата“. Имено, заменик-премиерот на италијанската влада, Салвини, изјави дека „треба само да се погледнат профитите на банките во првата половина од 2023 година, како и резултатот од зголемувањето на стапките на Европската централна банка, за да се сфати дека не зборуваме за неколку милиони, туку зборуваме за цифри кои може да се претпостават во милијарди“.
Мерката на италијанската влада доби и силна поддршка од стручната јавност во Англија. Имено, поранешниот заменик-гувернер на банката на Англија рече дека тој „силно го поддржува планот и смета дека со зголемувањето на даночната стапка на профитните маргини, кај италијанските банки, од 3 на 35 отсто, во иста линија со зголемените давачки на профитот од бизнисот со електрична енергија, а тоа во касата на Италија ќе инкасира околу 78 милијарди евра, на среден рок (од пет години)“.

Како одекна одлуката на Мелони во македонската стручна јавност за тоа дали
државата може да спроведе вакви мерки и во Македонија?

Извршниот директор на АБИТ (Академија за банкарство и информатичка технологија) и член на Советот на НБРМ, Синиша Наумоски, нема дилема дека предложената мерка за еднократен данок од 40 отсто на добивките на комерцијалните банки во Италија е во насока на скротување на инфлацијата. Во кратко интервју за „Локално“, за мерката што е резултат на значајното зголемување на каматните стапки од страна на ЕЦБ вреди да се дебатира вели тој, иако таа е многу неизвесна бидејќи сè уште нема официјална верзија на законот. Според Наумовски, прерано е да се говори дали ваква или слична мерка може да се примени кај нас. Имајќи ја предвид силината на нашиот банкарски сектор, тој смета дека треба да се остави простор како таа ќе профункционира во Италија и каков ќе биде ставот на ЕЦБ во однос на оваа, според него, „високопопулистичка мерка“.
– Кај нас, рано е да се говори за ваква мерка. Имено, досега, не видовме официјална верзија на законот, ниту во Италија, што додава дополнителна неизвесност околу потенцијалните влијанија на оваа одлука. Но добро е да се потсетиме на суперпрофитите, кои банките ги остварија во изминатата 2022 година. Тоа е добра база за отворање на дебата, тука кај нас, по основа на ваквите движења во земјите од ЕУ – вели Наумоски.
Лани сите 13 комерцијални банки ја завршија годината со вкупна добивка од 157,3 милиони евра, што покажа раст во споредба со 2021 година од 5,7 отсто. Годинава, динамиката на таквиот раст е засилена, многу повеќе во споредба со односот 2022, наспрема 2021 година. Само големите пет банки или т.н. топ пет банки лани имаа реализација од над 105 милиони евра профит и вкупна актива во износ од 9,09 милијарди евра. Остатокот, од нешто повеќе од 2 милијарди евра им припадна на малите и средни банки. Од ова, деновиве во АБИТ изготвуваат анализа во насока на актуелните теми во Италија, за тоа колку пари може да се очекуваат кога ваквата мера би се пресликала во македонската состојба со макроекономијата.
Сепак, извршниот директор на АБИТ (Академија за банкарство и информатичка технологија) и член на Советот на НБРМ, Синиша Наумоски, смета дека мерката на италијанската влада е контроверзна.
– Сум на мисла, да, иако е контроверзен, а еве и зошто. Имено, ние како стручна јавност говориме дека проблемот со инфлацијата треба да се подразбере како проблем со инфлација на трошоците. И тоа е исто, како во македонската економија така и во европската. Впрочем насекаде. Имено, сакам да кажам дека во вакви услови монетарната политика нема простор за дејствување или не е толку ефикасна како што се мерките што се преземаат од страна на Владата. За таа цел, ЕЦБ презема мерки соодветни со заострување на монетарната политика, но тоа не е доволно ако не е пратено од страна на фискалната политика на ЕУ. Практично, ЕЦБ презеде одредени мерки и тие се во ред за смирување на инфлацијата, меѓутоа за разлика од земјите со цврста авторитарна власт (читај: источните земји), во банките од еврозоната, нема таква меѓузависност помеѓу мерките што ги презема ЕЦБ и комерцијалните банки, поради тоа што европските комерцијални банки бележат висока ликвидност и немаат толкава потреба од ликвидносни средства од ЕЦБ, како што имаат во овие земји од Истокот и, поради тоа, таму, подигањето на референтните каматни стапки на Централните банки има многу поголемо и побрзо влијание отколку што тоа е во еврозоната и во САД – заклучува Наумоски. Р.Н.М.


Народна банка – каматни стапки на кредити за домаќинства

Прв годишен квартал 2023 Денарски каматни стапки 6,1 отсто
Девизни каматни стапки 4,1 отсто

Втор годишен квартал 2023
Денарски каматни стапки 5,9 отсто
Девизни каматни стапки 4,3 отсто

Прв годишен квартал 2022 Денарски каматни стапки 5,1 отсто
Девизни каматни стапки 3,5 отсто

Втор годишен квартал 2022
Денарски каматни стапки 5,1 отсто
Девизни каматни стапки 3,6 отсто


Бруто добивка на трите најголеми деловни банки за првите шест месеци годинава

1. 32,5 милиони евра – Комерцијална банка
2. 27 милиони евра – НЛБ Тутунска банка
3. 26,2 милиони евра – Стопанска банка