Фото: Твитер/илустрација

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го посети оддалечениот арктички гарнизон на Северната флота, соопшти Министерството, додека дел од воените бродови се испратени на Арктикот за да ги извршуваат своите задачи, пренесе „Ројтерс“.

Шојгу изврши увид во воената инфраструктура и „подготвеноста да се дејствува за заштита и одбрана на клучните објекти“ – соопшти Министерството на комуникациската платформа „Телеграм“.

Дел од воените бродови, меѓу кои и разурнувачот „Вицеадмирал Кулаков“, десантниот брод „Александар Отраковски“ и шлеперот „Алтај“, се испратени на Арктикот – соопшти Министерството.

Северната флота започна во петокот со воени вежби, фокусирани на заштита на рускиот суверенитет во водите на Северниот морски пат.

Во рамките на воените вежби, борбените авиони МиГ-31 извршија воздушна одбрана, воздушно извидување и заштита на силите кои дејствуваат во зоната на Арктикот, додава Министерството.