Повеќе од половина ќе бидат исполнети сметувачките капацитети во хотелите на охридско-струшката ривиера за продолжениот Велигденски викенд, информира претседателот на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ), Крсте Блажески.
Најголем дел од посетителите, според него, ќе бидат гостите од земјава и од соседството.
– Исполнетоста на хотелите за празничниот викенд ќе биде 50 до 60 проценти. Додека приватните сместувачки капацитети ќе бидат поисполнети. Тука се и викенд становите на граѓани од внатрешноста, што Велигденските празници ќе ги поминат во Охрид и Струга – изјави Блажески за МИА.
Поголема исполнетост на сместувачките капацитети се очекува и викендот потоа, за празникот Рамазан Бајрам, кога покрај од земјава и соседството се очекуваат гости и од така наречените кружни тури.
Туристичката сеозна на охридско-струшкото крајбрежје официјално почнува од 1 мај, а кон средината на месецот се очекуваат првите чартер летови со туристи од Холандија, кои и годинава ќе да бидат најбројни. Покрај холанѓаните се очекуваат чартери и од Полска, Турција, Србија и други традиционални пазари, како и воспоставување нови авио линии.