Од Министерството за транспорт и врски посочуваат дека забрзано се работи на изградба на источниот дел на коридорот 8. Рокот за изградба на оваа трета делница е 48 месеци, што значи дека до 2027 година би требало да се изгради комплетно целата пруга кон Бугарија

Министерството за транспорт и врски децидно тврди

Средбите меѓу владините кабинети на Македонија и Бугарија повторно ја актуализираа и темата за изградбата на пругата по должината на коридорот осум. Изминативе денови владини претставници посочија дека комплетирањето на пругата кон соседна Бугарија треба да заврши до 2027 година, или, поточно, за пет години. Сепак, темата железничко поврзување со соседите по должината на овој коридор е долго зборувана тема во земјава, но нејзината реализација постојано е попречувана од различни фактори. Сепак, Министерството за транспорт и врски посочува дека забрзано се работи на изградба на источниот дел на коридорот 8.
– Во финална фаза сме на избор на изведувач за првата и втората фаза, односно делниците од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка. Изградбата очекуваме да започне најдоцна до април и да трае 36 месеци. Во однос на третата фаза, од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, тендерската документација е подготвена и до средината на оваа година ќе се распише меѓународниот повик. Рокот за изградба на оваа трета делница е 48 месеци, што значи дека до 2027 година би требало да се изгради комплетно целата пруга – велат од Министерството.
Имајќи предвид дека многупати беше одложена изградбата, но и дека роковите за финиширање на пругата кон Бугарија постојано се одложуваат, ги запрашавме во Министерството за транспорт дали се предвидени посебни механизми што ќе ја гарантираат изградбата, од каде што ни посочија дека се предвидени конкретни рокови за тендерските постапки.

– Оваа пруга е дел од паневропскиот коридор 8, за што веќе предвидовме конкретни рокови во тендерските постапки. Потребата од завршување на овој коридор е извесна и Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за транспорт и врски, максимално е посветена на завршување на оваа пруга. Дополнително, бидејќи се работи за европски коридор, имаме силна поддршка од нашите партнери од Европската Унија и, дополнително, бидејќи се работи за регионален проект заеднички ги координираме работите со Република Бугарија. Тоа е и една од главните инфраструктурни точки на кои ќе се разговара на заедничката седница на владите на Македонија и Бугарија – посочуваат од Министерството.
Во согласност со плановите, вкупната инвестиција во железничката пруга на источниот дел од коридорот 8 ќе изнесува над 600 милиони евра. Притоа, надлежните посочуваат дека првата и втората фаза од изградбата ќе чинат околу 200 милиони евра, средства што се обезбедени од заем од ЕБОР, како и грант од ИПА-компонентата.
– Во однос на третата делница, изградбата би чинела околу 420 милиони евра, 60 милиони евра како грант веќе се обезбедени преку ИПА 2 компонентата. Во овој момент преговараме за дополнителен грант од над 100 милиони евра, исто така од Европската Унија, преку инструментот за поддршка на Западен Балкан (WBIF). Преостанатите средства ќе се обезбедат преку финансиски институции, со кои веќе преговара Министерството за финансии – прецизираат од Министерството за транспорт и посочуваат дека повикот за изградба на овие делници е меѓународен и се работи во соработка со Европската банка за обнова и развој.
Оттаму објаснуваат дека во тендерската документација јасно се утврдени критериумите за избор на изведувач, во согласност со законските прописи во Република Северна Македонија.
Економистите укажуваат дека е неопходен засилен ангажман за реализација на овој стратегиски проект и посочуваат оти со развојот на железницата ќе се подобрат инфраструктурните услови за зголемување на странските инвестиции во нашата држава и ќе се отворат можности за подинамичен развоен циклус на Македонија и целиот регион.

– Инвестирањето во железничката инфраструктура позитивно би влијаело на социоекономскиот развој на земјата, резултирајќи со одржливи придобивки за населението, бизнисот и економијата, со оглед дека железничкиот транспорт има повеќе предности (релативен поевтин превоз на стока, можност за транспорт на кабести стоки, брзина и слично). Подобрувањето на меѓусебната железничка инфраструктурна поврзаност треба да биде од приоритетно значење за унапредување на меѓусебната соработка на нашата држава со соседните земји, што ќе придонесе за забрзување на вкупните транспортни операции меѓу земјите, а со тоа и експанзија на обемот на билатерална стоковна размена и на количеството на стоката во транзит – велат од Стопанската комора на Северна Македонија.
Оттаму додаваат дека со сегашната состојба пристапот до железничкиот транспорт на целата територија на државата не е добро утврден, поради тоа што железничката мрежа има конекции со други железнички пруги само преку коридорот 10.
– Всушност, железничките пруги во насоката исток – запад имаат последна станица што не е поврзана со железничка мрежа. Исто така, нема железнички врски со соседните железнички инфраструктури на коридорот осум. Во меѓувреме, запрена е и изградбата на пругата Куманово – Бељаковце, првата од трите фази на проектот за железничко поврзување во рамките на коридорот осум со Бугарија. Оттука, сметаме дека е потребно државата да ги препознае придобивките од железничкиот транспорт и железничкото поврзување да го постави како еден од приоритетите заради следење на чекорот со земјите од регионот и модерните транспортни текови – истакнуваат од СКСМ.