Фото: Ка.М.

Тутунарите и откупувачите, со посредство на Министерството за земјоделство, денеска се договорија за покачување на откупната цена на тутунот од 330 на 360 денари, на работна средба во Тутунскиот комбинат во Прилеп. Министерот за земјоделство Љупчо Николоски по средбата изјави дека имале конструктивен разговор на кој се договориле за зголемување на откупната цена на тутунот.

– Секогаш сме на страната на тутунарите. Најпрво Тутунскиот комбинат ја зголеми цената од 330 на 360 денари. На денешниот состанок сите откупувачи потврдија дека ќе испратат анекси за зголемување на откупната цена на тутунот. Тоа значи дека генерално за сите е прифатлива цената од 360 денари. Очекуваме компаниите со анексите да ги исплатат средствата и за претходно откупениот тутун. На денешната средба зборувавме и за итна измена на законот за тутун. Повторно на 19 и 20 февруари ќе имаме нови средби во Министерството за земјоделство. Треба да се достават предлозите за измени на законот за да се направи се за одржливо производство на тутун, бидејќи е гранка од која се обезбедува голем девизен прилив. Како министерство работиме на нов закон за земјоделство, во кој ќе се имплементираат сите успешни примери од регионот. На ваков начин, со вклученост на сите инволрвирани се носи закон – рече министерот Николовски.

Според него, остануваат стимулациите за тутунарите.

– Имаме три мерки. Истиот буџет ќе биде од минатата година, од 26 милиони денари. Поддршката ќе биде за прва класа од 100 до 110 денари. Ова е максимален износ за исплата на субвенција. Институтот за тутун е тој што треба да каже за производните цени, оти тие се надлежни за тоа. Втората мерка е субвенција по површина. За првпат, во 2024 година ќе се пријавуваат површините со тутун и за хектар производителите ќе
добијат по 6.000 денари. Третата мерка е за зелена нафта, која ќе им следува на сите
производители во земјоделството – посочи Николовски по денешната посета во Прилеп.

Фото: Ка.М.

Од Сојузот на тутунски здруженија изјавија дека по подолго измачување на тутунарите, седнале на заедничка маса и се договориле.

– Компаниите до утре на пладне треба да испратат анекси. Тутунарите да бидат внимателни. Досега откупувачите не манипилураа – изјави Менде Стомнароски од Сојузот на тутунски здруженија.

До денес, според Јане Станкоски, директор на Државниот земјоделски инспекторат, откупени се околу 9,5 милиони килограми тутун и се очекува откупот да се интензивира и да заврши до крајниот рок. Ка.М.