Фото: Дарко Андоновски

Трет Социо-еколошки форум со дебата и дискусија за енергетските политики на земјите од Западен Балкан и Европска унија, се реализира денеска во Скопје. Како што беше кажано на средбата, се разменуваат идеи за тоа како подобро да се развиваат општините, во интерес на граѓаните. Учествуваат пратеници, експерти,  градоначалници. Се разговара за социјалната правда, во контекст на климатските промени.

Рене Шлее, директор на ФЕС Дијалог Југоисточна Европа, рече дека се тука за да се видат кои се проблемите на регионот.

Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова ја нагласи важноста на ваквите форуми. Ова е, нагласи таа, можност за размена на искуства. Шукова додаде дека секогаш е дел од овој форум и го поддржува, потенцирајќи ја важноста на животната средина, особено на климатските промени врз социо-економскиот развој на една држава.

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски изрази задоволство од настанот и информираше дека ја споделил, како што рече, успешната приказна за енергетски независна општина Центар. Тој проговори и за отворањето на енергетска канцеларија во оваа општина, каде граѓаните ќе бидат запознаени со можностите што ги нуди општината, во врска со проекти и помош за енергетски независни домаќинства, во делот на субвенционирање на фасади, лифтови, кровови.

– Продолжуваме со одлични проекти, подвлече градоначалникот.

Лена Бакелин, член на шведскиот Pарламент, исто така изрази задоволство што е дел од форумот и нагласи дека се тука да се инспирираат едни со други, да учат едни од други.

Јелена Пекич, член на Собранието на Федерација Босна и Херцеговина, посочи дека ова се мошне важни теми за целиот регион.

Седат Ариф, заменик градоначалник на Малме, инаку роден во Скопје, нагласи дека има многу значајни прашања на кои треба да се разговара и посочи дека  ќе ги сподели шведските искуства.

Третиот Социо-еколошки форум со дебата и дискусија за енергетските политики на земјите од Западен Балкан и Европска унија, е во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Меѓународниот центар „Олоф Палме“ и Прогрес – Институтот за социјална демократија.