Фото: Игор Бансколиев/Илустрација

Предупредувања на експертите

Цените на пренхрабените производи константно се зголемуваат и покрај тоа што се создава лажен привид дека не се движат многу по нагорна линија, тврдат експертите по економија. Тие навестуваат тешка есен, а уште потешка зима, во која голем дел од македонските граѓани едвај ќе можат да скрпат крај со крај.
Во маркетите цената на зејтинот се движи околу 130, поевтиниот, цената на брашното за еден килограм е над 36 денари за килограм, килограм домати се над 65 денари, компирот се продава за 40-50 денари за килограм, јаболката е од 40 до 80 денари за килограм, а литро млекото се наоѓа за од 51 до 80 денари. За килограм мелено месо граѓаните треба да одвојат од 250 до 340 денари, за свинско од 390 до 440 денари просечно, додека говедското е од 600 денари нагоре… Лебот, пак, чија количина во пакување производителите знаат да ја намалат за да не му ја сменат цената, се продава од 33 денари нагоре. Деновиве тешко може да се најде сирење поевтино од 350 денари за килограм.

За да се купи поевтино мора да се шета од продавница во продавница.

Илјада денари се малку за дневно да пазариш неколку основни производи, се жалат македонските граѓани, кои велат дека едвај го скрпуваат месецот со месечните примања.

– Кога свинско месо било 400 денари, и тоа ако го најдеш за таа цена? Утрово пазарив само парче сирење, парче кашкавал, јогурт, леб. Ме чинеше илјада денари  – вели пензионерката Мирјана Станковска, која додава дека во семејството нејзината пензија е единствениот сигурен финасиски приход во месецот.

Колку ќе растат цените?

Здравко Савески, доктор на политички науки, синдикалец и активист, вели дека во текот на летото се има создадено само привид дека цените прехранбените производи не се во пораст.

– Во летните месеци порастот на цените малку забави, особено поради сезонското намалување на цените на овошјето и зеленчукот, но во есенскиот период, посебно во зимскиот, сите прогнози навестуваат дека ова забавување ќе престане поради зголемување на цените на енергенсите, но и поради недостиг на одредени прехранбени производи, кои ќе ги нема поради војната во Украина. Не треба да нѐ залажува тоа што во летото порастот малку забави. Цел период цените растеа, имавме и инфлација на месечна база, што е загрижувачки. Инфлацијата растепе и во летните месеци, но со позабавено темпо. Доста граѓани можат да добијат впечаток дека има некое намалување, но ова забавување, не прекинување, е времено и е поради сезонски причини, затоа што во лето има многу овошје и зеленчук. Но нѐ чека сериозен пораз. Ако владата не преземе посериозни мерки, ударот врз животниот стандард ќе биде доста драстичен. Граѓаните треба да се спремаат за порационално трошење на сопствените приходи за зима каква што долго време не сме виделе – вели Савески.

Минимална плата не стасува ни за храна

Минималната кошница во август за четиричлено семејство изнесувала 48.234 денари, пресметаа од Сојузот на синдикатите на Македонија. Оттаму велат дека сѐ повеќе работници работат, а не можат да ги обезбедат основните прехранбени продукти. Според последните податоци на едно семејство што живее во дом од 50 метри квадратни и не поседува автомобил, само за овозможување на основните продукти за живот му биле потребни 41.295 денари, но со зголемувањето на инфлацијата од 16,8 отсто таа пораснала за 6.937 денари. Во оваа пресметка не се пресметани трошоците за потребни материјали за почеток на учебната година на еден ученик, за кој дополнително треба да се издвојат уште 6.000 денари. Од ССМ велат дека само за храна е потребно нешто повеќе од една минимална плата.

– Според податоците, само за храна и пијалoци во која се вклучени 63 производи кои не ги изразуваат целосните потреби за исхрана, туку ги изразуваат можностите, навиките и традицијата во исхраната, а вредноста на истите не се зема како просечна, туку како минимална вредност, биле потребни 18.324 денари или за 324 денари повеќе од минималната плата – информираа од ССМ.

Што сè ги зголемува цените?

Според проф. д-р Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје неколку фактори многу влијаат во формирањето на цените.

– Неколку клучни фактори влијаат на очекуванииот тренд на движење на идните цени и со тоа на стандардот на граѓаните. Еден од клучните фактори што влијае врз побарувачката/цените на основните прозводите е неизвесноста, стравот и паниката кај граѓаните, кој широко е распространет како резултат на енергетската и безбедносната криза. Вториот предизвик е поврзан со ограничената понуда, варијациите на цените, кои преку увозот силно ги детерминираат цените во нашата мала и отворена економија. Третиот фактор е однесувањето на економските субјекти/бизнисите/трговците кои дел од стравот за идните движења на цените и очекуваните мерки/ограничувања од владите (замрзнување, контрола на цените итн.) како идни очекувања однапред ги пренесуваат во висината на цените – вели Треновски.

Според него, за да се „преживее“ кризната ситуација потребна е посебна стратегија од страна на Владата и на централната банка.

– Комбинацијата на претходните фактори води до тоа да има различни промени на цените кај сродни производи (на пример, различни млечни производи имаат различен пораст на цени), скромен пораст на цените кај облеката во споредба со другите производи, или раст во цените на храната, иако веќе пет месеци глобалниот индекс на цени на храна (житни растенија, зеленчук и овошје. месо, шеќер итн.) покажува паѓачки тренд – се намалува. Четвртиот фактор кој треба да ги следи и делува на претходните три фактори се политиките – фискалната (владата) и монетарната политика (централната банка). Оттука за успешно справување со оваа ситуација овие политики треба да бидат силно усогласени и заеднички да делуваат. Централната банка преку одмерено зголемување на каматните стапки, управување со очекувањата и други таргетирани монетарни макропрудентни политика, а фискалната политика преку рационално трошење на јавните средства и силна, навремена, систематска и таргетирана поддршка на погодените бизниси и граѓани. Се разбира ова не е лесна задача, меѓутоа се наоѓаме меѓу чеканот и наковалната и изборот во периодот кој следи ни е значајно ограничен – заклучува Треновски.

Инаку, и податоците на Државниот завод за статистика покажуваат зголемување на трошоците на живот и  на индексот на цените на мало во август во однос на претходниот месец. Најголемо зголемување бележи цената на лебот, кој само во август се зголеми за 6,4 проценти, додека за една година поскапувањето изнесува над 44 проценти.

– Пораст на индексите на трошоците на животот во август 2022 година, во споредба со претходниот месец е забележан кај лебот и житата за 6,4 проценти, свежото и разладено овошје за 3,8 проценти, млекото за 3,6 проценти, месото за 2,5 проценти, други прехранбени производи за 1,8 проценти – информираат од Државниот завод за статистика.