Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, во соработка со прилепското друштво „Методија Андонов-Ченто“, во просториите на спортскиот центар „Илинден“ во Рогдаел, ја промовира книгата „Методија Андонов-Ченто“ од новинарката и публицистка Фиданка Танаскова.
Модераторот на програмата Оливер Димоски, како претседател на прилепското друштво „М.А.Ченто“, ги запозна присутните со авторката, која како новинарка во „Нова Македонија“ честопати пишувала за Македонците во дијаспората.
– Драги мои Македонци, нас големи далечини нѐ разделуваат преку континенти, мориња и океани. Ние овде, во древна Македонија, вие со гордо име македонско век векувате во вашиот втор дом во далечна, пријателска Австралија. Но нас нѐ спојуваат родот, името, коренот, јазикот наш македонски, книгата, песната и љубовта едни за други и кон татковината. Во мислите, во срцата, во душите, иако сме на две страни од светот, ние сме блиски и во добри, убави, радосни и славенички, како и во тешки денови и моменти – вели Танаскова во пораката по повод промоцијата.
Промоторот на книгата Душан Ристевски зборуваше за животот и значењето на делото на Ченто, како и за авторката Фиданка Танаскова, која во 1990-тите години се зафати да пишува за тогашната табу-тема. Тој нагласи дека Методија Андонов-Ченто, револуционерот, државник и родољуб, останува во историските хроники како еден од втемелувачите на македонската независна држава, бескомпромисен борец за национално ослободување на македонскиот народ и за обединување на Македонија.
– Неговиот живот е колаж од битки, триумфи, непокор, до наместени бегства, деградација, монтиран судски процес, тешки осаменички затворски години и рано заминување од овој свет. Неговата порака секогаш беше: Македонија на Македонците – рече Ристевски.
Ова дело донесува факти не само за делото на Ченто туку и за системот каде што владееја само едноумието и едногласието. Книгата е напишана, како што забележал Блаже Ристовски, „читливо, занимливо и уверливо, богато илустрирана“. За автентичноста на ова дело, Стојан Киселиновски забележа: „Зборот секогаш треба да биде вистина, а вистината секогаш да се изразува преку ненавреден збор“. Книгата првпат е издадена во 1990 година од редакцијата на „Нова Македонија“, неодамна повторно излезе на македонски, а за првпат и на англиски јазик од литературното друштво „Григор Прличев“. Книгата на англиски јазик ја преведе писателот Ристо Стефов од Канада.