Македонија ѝ гостува на Грузија, која е лидер во групата со 10 бода и на која ќе ѝ биде доволен и еден бод за пласман во лигата Б. Македонија е втора со седум бода и само победа ѝ дава шанси за евентуално освојување на првата позиција во групата

Многу проблеми за селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, пред последните два натпревара во третата сезона на Лигата на нациите (ЛН), решавачки за пласман на првото место во групата, против Грузија на гости во Тбилиси в петок, и против Бугарија во Скопје, в понеделник. Пред сѐ станува збор за повредите на капитенот Стефан Ристовски и на напаѓачите Дарко Чурлинов и Ваљон Етеми, на кои Милевски не ќе може да смета за двете средби. Под прашалник е и играњето на играчот од средниот ред и капитен на загрепски Динамо, Аријан Адеми. Покрај ова, ситуацијата во македонскиот табор ја искомплицира и отсуството на неколку доскорешни стандардни репрезентативци. Но и во такви услови, селекторот Милевски вложува максимум напори за да ги подобри расположението и атмосферата во тимот и да им го влее потребниот оптимизам на мини-подготовките во Скопје.

– Се соочуваме со многу проблеми, но додека постојат шанси ќе се бориме за највисок пласман – вели Милевски.
Дориан Бабунски смета дека и покрај многуте откажувања на важни фудбалери сите што му се на располагање на селекторот ќе го покажат својот квалитет.
– На првиот меч против Грузија во Скопје почнавме во одлично темпо, во првите 60 минути имавме и неколку шанси, но така треба да играме докрај, сите 90 минути. Секако, сега треба да бидеме многу поефикасни – изјави Бабунски.
Грузија, која не е поразена на четирите меча во ЛН, е лидер во групата со 10 бода, три повеќе од Македонија, и ќе ѝ биде доволен и еден бод за пласман во повисок ранг, во лигата Б. За Македонија нема избор, само победа ѝ дава шанси за евентуално освојување на првата позиција. Грузија моментно е на 82-то место на ранг-листа на ФИФА, а Македонија е на 64-то. Статистиката покажува дека Грузија на претходните 10 меча постигнала 18 гола, во просек 1,8 по натпревар, а примила пет. Македонија на исто толку натпревари постигнала 20 гола (два по натпревар), примила 11 гола, но на пет од тие 10 меча не примила ниту еден гол.
На претходните шест натпревари на домашен терен Грузија трипати победила, двапати загубила и еднаш ремизирала, со резултат 7-3. Македонија е повеќе од солидна на гостувањата, на шест меча прокнижи четири победи и по еден пораз и реми, со вкупна гол-разлика 13-3. Л.Д.