Трибунот Толстој (2)

Развојот на односот на Толстој кон еден друг значаен руски автор, Иван Тургењев, десет години постар од него, може да ги открие сета сложеност и непредвидливост на неговата природа. Славен со „Ловечките записи“, уредник, заедно со Некрасов, на прочуениот „Современик“, Тургењев токму таму, во редакцијата на списанието, го добива ракописот „Момчештво“, пратен од воената касарна од далечниот Кавказ, под иницијалите Л.Н. Веднаш по прочитот му вели на Некрасов: „Поттикнувај го да пишува. Го поздравувам и му ракоплескам“. Дознава дека единствената сестра на Лев, Марија Маша Николаевна, омажена за својот втор братучед грофот Валеријан Толстој, живее близу неговиот имот во Спаско, ја посетува и се спријателува со неа (постојат одредени назнаки дека тој се вљубил во неа, што за романтичниот Тургењев не било невообичаено), се знае дека во нејзиниот дом го читал ракописот на „Рудин“ и дека по нејзини сугестии внесува некои измени во романот. Таму го здогледува и портретот на младиот Толстој, за кој запишува: „Неубаво, но умно и забележително лице“. Наскоро лично, во писмо, ќе го посоветува: „Ќе биде многу добро ако се измолкнете од Крим… Вие доволно покажавте дека не сте страшливец… Вашето орудие е перото, а не сабјата“. Конечно еден ноемвриски ден во 1857-та, артилерискиот подофицер Лав Толстој пристига на гости кај Тургењев во Петербург, кој го дочекува со радост „оној кого го чека првото место во руската литература“. Но младиот офицер Толстој веднаш се впушта во лекомислениот, петроградски ноќен живот „со жени, циганска музика и карти, а после спие до два попладне како утепан“. Не е за верување дека истиот тој распусник запишал во својот дневник: „Кон друштвото на жените треба да се гледа како на непријателски дел од социјалниот живот. Кој всушност ни ги открива сензуалноста, нечувствителноста, лекомисленоста и многу други пороци ако не жените?“ „Судбинскиот“ морален пресврт, за кој е толку пишувано, што му се случува на Толстој во подоцнежните години од животот, се насетува веќе во неговата младост, во ноќните кафеански оргии, од една страна, и гневот кон себеси поради „непримерното“ однесување, од друга. Уште повеќе, етичкиот аспект отсекогаш бил важен во неговата книжевност, а во „Кројцеровата соната“ тој е доведен до крајна, радикална консеквенца. И во создавањето на „Војна и мир“ и „Ана Каренина“, кај Толстој е силно присутна свеста за етичка одговорност на писателот, што, поради неговиот естетски гениј, никогаш, во овие две книжевни ремек-дела, не е наметлива. Но во завршната фаза на своето творештво, тој подлегнува на својата моралистичка мисија, до толку што ја негира и сопствената (врвна) уметност како непотребна и неморална. Но да се вратиме неколку децении порано, кога младиот Толстој го троши својот петроградски престој на ноќни теревенки, а неговиот домаќин Тургењев, сепак, наоѓа трпение и желба да го запознава со градскиот круг писатели и љубители на уметноста, што го прифаќа, со право, како големо откритие на современата руска книжевност. Наместо да му возврати за поддршката, и трпеливоста, нервозниот Лев често му противречи, па наскоро предизвикува непотребни расправии, дури и кавга.

(продолжува)