Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) останува на претходно донесената одлука за реализација на штрајк, утре од 11 до 17 часот, и не се точни информациите дека штрајкот е ставен во мирување, информира во пишана изјава претседателот на ССКЛ Александар Тасевски.
Во тек штрајкот што ССКЛ го најави поради „непрофесионално однесување од директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања, несоодветните услови за работа и опрема“ во најавениот термин нема да се опслужуваат воздухоплови на Меѓународниот аеродорм Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Тасевски укажува дека дезинформациите за наводна постигна спогодба поради која се става штрајкот во мирување ќе ги доведат во забуна патниците и авиокомпаниите, како и непотребен хаос при планирањето на летовите.
– Информациите кои беа испратени во текот на вчерашниот ден од страна на УО на М-НАВ, како што известија одредени медиуми, дека се прифатени барањата на ССКЛ и дека е постигната спогодба поради која се става најавениот штрајк за 12 октомври во период од 11 до 17 часот во мирување се тотална невистинити и дезинформација на јавноста која не само што ги доведува во забуна сите патници кои го планирале своето патување во текот на утрешниот ден, туку ги доведува во забуна и авиокомпаниите, а што дополнително ќе резултира со непотребен хаос поради неможност соодветно да ги испланираат засегнатите летови – наведува Тасевски.
Во УО на М-НАВ, според него, владее разединување од причина што, како што тврди „новите двајца директори кои се поставени во последните два-три месеци и го затекнаа хаосот кој е од поодамна, наспроти претседателот на УО на М-НАВ кој продолжува по стариот пат генерирајќи проблеми и за фирмата но и за новите директори“.
-Додека едниве ни ветуваат професионализам и подобрување на состојбата во М-НАВ, претседателот на М-НАВ Фахрудин Хамиди, доставува нови барања за вработување на непотребни лица, во служби во кои веќе има превработеност, а се тоа позади грбот на останатите двајца директори кои на состанокот кој што беше одржан на 9 октомври се изјаснија дека не се запознати со таквите барања за вработување – наведува Тасевски.
Тој и вчера во изјава за МИА рече дека нема промена во одлуката за штрајк и оти по завчерашната средба со УО ветувањата од директорите резултирале со текст кој не соодвестувал со договореното. -Доколку не го променат како договорни обврски кои ги преземаат и се согласуваат да ги реализираат, остануваме на одлуката за штрајк во четврток, рече Тасевски.
Од М-НАВ, пак, рекоа дека останува Синдикатот да ја каже дефинитивната одлука и да го потпише записникот од средбата , бидејќи раководството ги исполнило поставените барања.
– Договорено е роковите за пријавување кандидати за вработување да траат миниум 10 работни дена и соодветно да бидат информирани и членовите на синдикалните претставници, како и дека ќе се даде приоритет на неопходни вработувања на оперативниот персонал, како контролири на летање, инженери и техничари. Исто така, договорено е да се зголеми сумата за јавната набавка за консултантски услуги за анализа на систематизација на работните места, а рокот за пријавување да биде 15 работни дена. Исполнети се и барањата за реновирање на просториите на М-НАВ, односно да бидат активно вклучени во активностите, како и да се забрза целиот процес за отпочнување на тендерската постапка за што е издаден налог на вработените од секторот за воздухопловна навигација и Секторот за воздухопловна техника да изготват техничка спецификација. Проблемот со водоснабдувањето веќе е саниран, а преземени се дополнителни мерки за конечно решавање – изјавија за МИА од Секторот за односи со јавност во М-НАВ.
Струковиот синдикат на контролори на летање доби поддршка за штрајкот и од Здружението на контролори на летање. лв/