Силна, модерна и ефикасна Царинска управа е клучна за стабилни јавни финансии, заштита на економијата и поддршка на стопанството, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на одбележувањето на 14 април – Денот на Царинската управа.
Годинава се одбележуваат 34 години од основањето на институцијата, а настанот се одржа во Филхармонија.
Во своето видео-обраќање, министерката истакна дека Владата останува посветена на модернизација и дигитализација на Царинската управа, како и на јакнење на нејзините институционални и кадровски капацитети. Целта е поефикасна наплата на буџетските приходи, олеснување на трговијата и создавање стабилна и предвидлива деловна средина.
Таа нагласи дека царинската служба има централна улога во спроведувањето на трговските политики, администрирањето на договорите за слободна трговија и заштитата на домашната економија, со што претставува еден од клучните столбови на јавните финансии.
Во услови на глобални економски и енергетски предизвици, Димитриеска-Кочоска посочи дека Владата презема навремени мерки за заштита на животниот стандард и поддршка на стопанството, и покрај притисокот врз буџетските приходи. Притоа, приоритет останува одржувањето на фискалната стабилност и обезбедувањето одржлив економски раст.
Министерката додаде дека реформите во царинскиот сектор, како и инвестициите во човечкиот капитал, се клучни за справување со предизвиците од глобализацијата, борбата против нелегалните финансиски текови, организираниот криминал и даночната евазија.
На крајот, таа им се заблагодари на вработените во Царинската управа за нивната професионалност и посветеност во изминатите 34 години, истакнувајќи дека човечкиот фактор останува клучен за понатамошниот развој на институцијата.
































