Тендерите за набавка на храна и опрема за потребите на НАТО сѐ уште се недостапни за голем број македонски компании. По три години од зачленувањето на Македонија во НАТО, домашните компании успеваат да одземат мал дел од „воено-одбранбениот колач“ на Алијансата, кој се проценува на неколку милијарди долари. Процесот на сертификација за да се учествува на тендерите на НАТО го имаат поминато десетина македонски компании, претежно од прехранбениот сектор
Неискористени можности за економска соработка со НАТО
Во неделава што измина гласно одекна информацијата во јавноста дека и македонската компанија „Брако“, заедно со некои други фирми претходно, ги исполнила строгите критериуми на Алијансата за сертификација за да се учествува на тендерите на НАТО. Наедно, и НАТО доби и сертификати и гаранции од македонската држава со кои се потврдуваат производството и техничкиот капацитет на споменатата компанија. За потребите на НАТО, „Брако“ ќе понуди контејнерски системи за кампови и полски болници, медицинска опрема, возила за чистење на воените бази, приколки за транспорт и различни видови безбедносна жица. Од македонската компанија се надеваат дека ќе бидат прва македонска фирма што ќе успее да добие тендер за снабдување на овој вид опрема за потребите на Алијансата.
Со членството на Македонија во НАТО и по усогласувањето на домашното законодавство, домашните компании имаат можност да учествуваат на набавките објавени за потребите на НАТО и земјите-членки, чија вредност надминува пет милијарди евра годишно. За таа цел во Стопанската комора на Македонија во декември минатата година беше формиран поткомитетот „НАТО и бизнис-заедницата“. Со формирањето на овој поткомитет требаше пошироко да се отвораат вратите за македонскиот бизнис-сектор за креирање одржливи решенија и можности за македонската економија, со што компаниите добиваат можност да учествуваат на набавките објавени за потребите на НАТО и земјите-членки.
Кој да ги мотивира домашните економски субјекти за сертификација за НАТО?
Поголемото вклучување на македонските компании во синџирот на набавки за потребите на НАТО и армиите на нивните земји-членки многу ќе зависи и од самата подготвеност, но пред сѐ и од мотивацијата на домашните економски субјекти, велат од поткомитетот за економската соработка со НАТО.
– Кај компаниите постои интерес за поголема економска соработка со НАТО. Но на почетокот процесот околу добивањето на сертификацијата е побавен и мора да помине извесен период да се добие овој документ. Во компаниите треба да сфатат дека таквата соработка е долгорочна и носи поголема финансиска сигурност доколку се влезе во системот на набавки за НАТО. Потребно е во секоја компанија да се покаже истрајност и да определи еден тим што би работел на оваа проблематика. Секако дека тоа подразбира исполнување одредени стандарди, но тие не се разликуваат многу од стандардите што важат во земјите од Европската Унија, со кои некои наши компании и успешно соработуваат. Овде не станува збор за некои недостижни технички карактеристики што вообичаено се бараат во делот на воената индустрија. Но во делот на базичната индустрија, на пример во преработувачката на храна или во текстилниот сектор, секако дека можеме да ги задоволиме условите пропишани од НАТО. Не смееме да ги пропуштаме можностите што ни се нудат како во една од последните големи вежби, кога некои прехранбени продукти и други производи се набавуваа од други земји. Мораме да си ја завршиме нашата домашна задача и да се постигне поголема мотивација за да ги поминеме тие процедури – ни изјавија од поткомитетот „НАТО и бизнис-заедницата“.
Во септември ново советување за домашните компании за стекнување на потребните НАТО- сертификати
Заради подобро искористување на економскиот потенцијал од членството во НАТО, во септември повторно ќе биде одржано советување за домашните компании за стекнување на потребните НАТО-сертификати. Тоа ќе биде направено во соработка со Министерството за одбрана, во кое има и посебен центар за поддршка на компаниите при учество на тендерите на Алијансата, кој нуди целосна сеопфатна поддршка за секоја домашна компанија што ќе покаже интерес.
Една од домашните компании што веќе имаат искуство како доставувачи е живинарската фарма „Везешари“ од селото Требош, Тетовско.
– Ние веќе неколку години продаваме јајца во НАТО преку компании што се јавуваат на тендери наменети за снабдување на кујните за војниците. Се заинтересиравме за процедурата, ги исполнивме условите, дојде комисија, која ја утврди фактичката состојба во фармата, дали ги исполнуваме нивните утврдени стандарди, и ја добивме дозволата со која можат компаниите да купуваат јајца откај нас – велат од компанијата во Тетово.
Минатата година на НАТО-самитот што се одржа во Шпанија, Фондот за иновации при НАТО стартуваше фонд со буџет од една милијарда евра наменет за сите земји-членки на воениот сојуз. Средствата од овој фонд ќе бидат наменети за мали и средни стартапи и компании во сите земји-членки, вклучувајќи ја и Македонија. Фирмите апликанти меѓу другото ќе можат да ги користат овие пари за отворање бизниси со кои ќе може да се модернизираат воените процеси на армиите, да се создаваат платформи за следење на информациско поле управувани од вештачка интелигенција, но и да ги зголемат ефикасноста и превенцијата од информациска војна. М.Ј.