Количеството руска нафта увезена во ЕУ преку рафинеријата во Бургас (Бугарија) значително се зголеми во изминатите неколку месеци. Во својата анализа го тврди тоа Мартин Владимиров, водечки енергетски аналитичар на Центарот за проучување на демократијата (ЦСД), во ексклузивно интервју за „Еурактив Бугарија“. Тој, изненадувачки отворено, во своето интервју изрази основи на сомневање за бугарската рафинерија дека „оваа инфраструктура, која е на брегот на Црно Море, практично е енклава што се користела во минатото за секакви операции. Имаше сомнежи за трговија со оружје, затајување данок и санкции“…
Бугарски аналитички центар истражува како преку Бугарија се увезува руска нафта за ЕУ
Бугарскиот Центар за проучување на демократијата (ЦСД) активно го следи увозот на руска сурова нафта преку Бугарија во ЕУ. Минатиот месец заедно со уште две европски организации алармираше за претовар на горива од руска сурова нафта во Бугарија за извоз во Западна Европа.
„Лукоил“: Не ги прекршуваме санкциите бидејќи извезуваме бензин со ниски октани во ЕУ
На информациите изнесени во јавноста од страна на бугарскиот Центар за проучување на демократијата (ЦСД), „Лукоил“ одговори дека не ги прекршува санкциите бидејќи извезува бензин со ниски октани во ЕУ, што не е покриено со санкциите на ЕУ против Русија. Во исто време, руската компанија официјално изјави дека „ќе ја затвори бугарската рафинерија доколку забраната за увоз на руска сурова нафта биде воведена, пред предвидениот рок“. Спорот околу рафинеријата во Бургас потенцијално може да предизвика проблеми на регионалниот пазар на гориво, бидејќи е најголема во регионот и единствен производител на гориво за авиони на Балканот.
Водечкиот енергетски аналитичар во Центарот за проучување на демократијата (ЦСД), Мартин Владимиров, коментира дека „Бугарија може да се користи за перење на руската нафта, која сепак ќе влезе во ЕУ, но под друга ознака“.
– Не би бил изненаден ако на 1 март 2024 година (кога е планирано да се забрани увозот на руска нафта), мешавината што ќе ја обработува рафинеријата да содржи 100 отсто казахстанска нафта. На овој начин, парите за буџетот на Кремљ ќе течат непречено. Тоа што секој месец се продолжува ослободувањето е огромен неочекуван приход за Русија – изјавил за „Еурактив“ Мартин Владимиров.
Кремљ заработил повеќе од три милијарди долари само од своите
операции во Бугарија од почетокот на руско-украинскиот конфликт
Енергетскиот експерт предвидува дека прозорецот за продажба на рафинеријата „Лукоил“ во Бургас ќе се отвори по прекинот на увозот на руска нафта во земјата.
Владимиров објасни дека „Лукоил“ не е заинтересиран да остане на бугарскиот пазар доколку не ја задржи преференцијалната позиција со отстапувањето за увоз на руска сурова нафта.
– Кога ќе падне отстапувањето, компанијата ќе биде заинтересирана за продажба, бидејќи во последната година и половина оствари огромен профит. Ова е дел од поголемата стратегија на „Лукоил“ за продажба на средства во секторите за рафинирање нафта и дистрибуција на гориво – рече тој.
Според анализата на ЦСД, Кремљ заработил повеќе од три милијарди долари само од своите операции во Бугарија од почетокот на руско-украинскиот конфликт. Мартин Владимиров предвидува дека Русите, најверојатно, ќе се согласат да го продадат својот бугарски бизнис следната година.
– Најлогичното нешто што треба да се направи е да се продаде рафинеријата во Бургас бидејќи притисокот од бугарските власти и геополитичката ситуација ќе го отежнат маневрирањето на бизнисот – додаде тој.
Интерес од Азербејџан за купување на рафинеријата во Бургас
Според неофицијални информации до кои дојде „Еурактив“, најсериозен интерес за купување на рафинеријата има азербејџанската државна компанија СОЦАР, која веќе држи околу 30 отсто од продажбата на гас во земјата.
Запрашан дали постои ризик од замена на руската компанија со друг голем играч, Владимиров рече: „Постои таков ризик. Ако сме искрени, оваа инфраструктура, која е на брегот на Црно Море, практично е енклава што се користела во минатото за секакви операции. Имаше сомнежи за трговија со оружје, затајување данок и санкции. Таквото богатство треба да падне во рацете на стратегиски западен инвеститор“.
Според него, еден од главните ризици е поврзан со намерата на Бугарија да го изгради нафтоводот Александрополис – Бургас, што е „целосно бесмислено од економска гледна точка“.
– Овој проект може да се искористи како изговор од бугарските власти за да се создаде ситуација слична на онаа во Словачка, Чешка и Унгарија, имено, желбата да продолжи дерогирањето на руската нафта и по 2024 година. Проруските кругови вршат притисок за изградба на гасоводот Александрополис – Бургас. Ова ќе се користи како аргумент за одржување статус кво во „Лукоил Нефтохим“ – објасни тој.
Според аналитичарот, тврдењето дека танкери со нафта тешко поминуваат низ Босфорот е лажен аргумент пред Брисел.
– Сите видови сурова нафта можат да минуваат низ Босфорот, а дури и сега рафинеријата „Лукоил“ купува норвешка и саудиска нафта, која поминува низ Босфорот без никакви проблеми. Тврдењата дека ќе има проблеми со Босфорот се целосна глупост. Ова е обид да се заглави бугарската држава во долгорочен проект што ќе доведе, од една страна, до зајакнување на мрежите на руското влијание и, од друга, до зачувување на статус квото во нафтениот сектор – изјави Владимиров.
Аналитичарот вели дека има интерес од западни инвеститори за бугарската рафинерија, но тој не е стратегиски. Е.Р.