Третата секција посветена на туризмот, беше отворена од проф. д-р Сашо Коруновски кој се задржа на новите технологии кои им овозможуваат на туристите подлабоко да се запознаат со културните вредности на едно подрачје.
-Функционалното поврзување на туризмот и културата ќе отвори можности за креирање на нови квалитетни туристички производи кои ќе бидат конкурентни на меѓународните пазари. Користењето на новите технологии ќе го збогати искуството кај туристите со содржини кои до тогаш не биле достапни на начин што подлабоко ќе ги внесе во суштинските вредности на културата и наследството. Интегрирањето на туризмот и културата може да биде алатка за стимулирање на развојот на одговорен и одржлив туризам кој ги зајакнува културните вредности на подрачјата и ги претвора во туристички атракции – истакна проф. д-р Коруновски од Факултет за туризам и угостителство – Охрид.
За силната врска меѓу храната и туризмот во рамките на оваа панел секција говореше д-р Душица Попова, професор на Факултетот за туризам и бизнис логистика и раководителка на катедрата Туризам.
-Традиционалната храна и локалните пијалаци го претставува идентитетот на туристичка дестинација и тие можат да привлечат голем број на туристи бидејќи храната, локалните пијалаци се дел од културниот идентитет на еден народ.
Според тоа, туристичките агенции и креаторите на туристичките понуди со поддршка од Факултетите за туризам, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Секторот за туризам и угостителството и др. треба да се стремат кон креирање на примамливи понуди кои ја вклучуваат гастрономијата во програмите за патување, пред се поради зголемената популаризација на гастрономскиот туризам – истакна проф. д-р Попова.
Д-р Небојша Вуковиќ, познат стручњак од областа на туризмот и угостителството и директор на СУГС „Лазар Танев“ – Скопје се задржа на адаптивниот туризтички инжинеринг на локално и глобално ниво.
Меѓу другото, тој истакна:„…имајќи предвид дека создавање нови туристички дестинации, рути и атракции е една од стратегиите и мерките забележани од експертите на UNWTO за решавање на проблемот со зголемување на бројот на туристи, науката мора да ги разгледа новите туристички насоки кои се јавуваат како одговор на масовниот туризам и како последица на прекумерниот туризам. Притоа да се создаде реципроцитетен интерактивен одговор на и од државните и сите други органи и фактори кои се инволвирани во фунционирањето на туристичкиот универзум.“
За новиот тренд „Паметни градови“ и перспективата за патување и туризам која произлегува од истите говореше доц. д-р Жарко Раџеновиќ, Универзитет во Ниш, Србија.
– Меѓу различните сектори кои имаат корист од иницијативите за паметни градови, туризмот се издвојува како значајна област на фокус. Чет-ботови, виртуелни туристички водичи и персонализирани системи за препораки може да ги поттикнат туристите со информации во реално време и курирани искуства, збогатувајќи го нивното истражување на градот.
-Од големо значење се планските региони за развој на туризмот во Македонија. Југоисточниот плански регион може да се пофали со многубројни проекти кои де факто ја подобрија инфраструктурата и се битен фактор за развој на туризмот. Преку истите тие проекти, видливите резултати го потврдуваат зголемениот интерес за туристи на туристичките дестинации во овој регион како и економските бенефити за македонскиот економски раст – потенцираше г-динот Ѓоко Камчев, директор на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.
-Македонија мора да размислува за развивање на туризмот преку специфичните рецепти, кулинарството и винскиот туризам. Туристите сакаат да понесат исксутво од местото кое го посетиле. Токму таа приказна ја креира туристичката дестинација атрактивна за повторни посети. Македонија има многу можности да го развива винскиот туризам благодарение на поволната клима и местоположба и како транзитна земја за многубројни туристи – истакна г-динот Сашко Атанасов, Раководител, Шато Сопот.