Фото: МНР

Единствената македонска компанија од одбранбената индустрија АТС Груп, попладнево потпиша Меморандум за соработка со МКЕ – најголемата државна компанија од индустријата на Турција, кој опфаќа отворање на нова фабрика за производство на барут во Македонија, со заеднички инвестиции на двете страни.

Меморандумот беше потпишан од страна на генералниот директор на МКЕ Илхами Келеш и сопственикот и извршен директор на АТС Груп, Шефшет Демировски. Како што истакнаа потписниците, со оваа соработка ќе се поттикнат активностите на двете компании и ќе се зголеми нивното присуство на меѓународниот пазар, особено во Турција и Македонија.

На настанот присуствуваа министрите за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, како и заменик-министерот за национална одбрана на Турција, Хеибет Муса.

Во своето обраќање Муцунски посочи дека целта на меморандумот е да воспостави рамка за соработка и решенија за одбранбената индустрија, вклучувајќи стратешки активности и производство на производи од одбранбената индустрија. Како што рече, партнерството на двете компании е од големо значење за државата како членка на НАТО.

Министерот најави дека во следниот период се планираат проекти за воспоставување на нови производствени линии од страна на МКЕ, користејќи ја експертизата и технологијата на АТС Груп.

– Со оваа соработка ќе се отвори можност за зголемено присуство на меѓународниот пазар, како и пазарот на двете земји. Особено значајно од оваа соработка е тоа што вклучува и отворање на нова фабрика што ќе резултира со отворање на нови работни места и директен придонес кон националната економија. Ова е доказ за посветеноста на Владата за привлекување на странски инвестиции, забрзан економски развој, креирање на работни места и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Дополнително во следниот период се планираат проекти за воспостаување на нови производствени линии од страна на МКЕ користејќи ја експертизата и технологијата на АТС Груп во оваа специфична област – рече Муцунски.

Потпишувањето не е само деловна одлука, додаде Муцунски, туку силна порака за доверба во нашите индустриски капацитети и признание за кадровскиот потенцијал.

Заменик-министерот за национална одбрана на Турција Хеибет Муса искажа задоволство од потпишувањето на меморандумот „кој е стратешки чекор што дополнително ќе ги зајакне односите на двете сојузнички и пријателски земји“.

Како што рече, не само што претставува документ за техничко партнерство, туку и доказ за пријателство и доверба меѓу Македонија и Турција. Од се срце верувам, рече тој, дека нашата соработка ќе придонесе кон целите за одржлив развој и дека договорот ќе биде корисен а нашите две земји и за целиот регион.