Фото: Министерство за финансии

Бизнисот ќе ги добие планираните 250 милиони евра од договорените 500 милиони со Унгарија под истите услови под кои ќе ги земе државата, рече денеска министерката на финансии Гордана Димитриеска Кочоска. За реализацијата на средствата, како што истакна, ќе се разговара со Банката за развој.

Димитриеска Кочоска потенцира дека кредитите ќе бидат давани под одредени критериуми, зашто мора, рече, да прекине досегашната пракса на одобрување пари без контрола на нивното трошење.

-Тие кредити ќе бидат давани под одредени услови. Тоа значи дека еднаш засекогаш трба да прекине праксата во оваа држава на одобрување пари, кредити грантови,… на принципот „дајте ни и потоа не ги контролирајте“. Или ќе поставиме услови и ќе ги насочиме сите тие пари кон компании кои навистина ќе инвестираат и ќе имаат позитивен импакт на БДП, во спротивно не можеме да се согласиме со оваа пракса која се правеше до сега. Потрошени се премногу средства преку Фондот за иновации, Законот за финансиска поддршка на инвестиции, а сите сме сведоци дека ефектот врз Буџетот и БДП е порзителен. Значи нешто не е во ред и ние ќе ги менуваме критериумите – истакна министерката, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за ребалансот на Буџетот.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека фирмите всушност ќе добијат помош поради актуелните лоши пазарни услови, но за сметка на тоа ќе треба да „вратат“ со инвестиции, најмалку 5.000 нововработени и раст на производството од пет отсто над стапката на инфлација.