Фото: Архива

Преработувачката индустрија, која во структурата на македонската индустрија учествува со 83 отсто, го остварила ланското ниво на производство, односно има намалување за 0,2 отсто. Намалување на производството во преработувачкиот сектор има во одделите за преработувачка на прехранбени производи (за пет отсто) и во производството на облека (за три отсто). Најголем пад во преработувачката индустрија има кај производството на метали од 37 отсто

Кој да ги одбере новите економски политики за да заживее националното стопанство

Глобалната криза, проследена со висока инфлација, рестриктивна монетарна политика на централните банки и, следствено на тоа, економска стагнација и рецесија, се одрази и на движењата на индустриското производство во Македонија. Во првата половина од годинава индустрискиот сектор во земјата, бележи некакви осцилации, а остварените минимални стапки на раст од длабоката стопанска бездна се резултат на месечните „микроскокови“ во одделни индустриски сектори. Тоа го покажуваат и податоците на Државниот завод за статистика за јуни, кога индустриското производство бележи раст од 3,7 отсто во однос на истиот месец лани. Ова е забавување на растот откако во мај годинава растот на индустријата беше 6,1 проценти. Најголем раст во јуни има во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде што стапката на раст е 39,9 проценти во однос на истиот месец лани, што ги покри негативните производствени резултати во секторот рударство и вадење камен, како и во одделните групи на секторите на преработувачката индустрија.
За тоа во каква производствена кондиција е македонската индустрија покажува индексот на индустриското производство во периодот јануари – јуни 2023 година во однос на периодот јануари – јуни 2022 година. Во овој шестмесечен период има зголемување од повеќе од скромни 1,5 отсто. Намалувањето на производството во рударството и вадење камен е околу три отсто, а најголемо има во одделот за вадење јаглен и лигнит (-24 отсто). Преработувачката индустрија, која во структурата на македонската индустрија учествува со 83 отсто, го остварила ланското ниво на производство, односно има минимално намалување за 0,2 отсто. Намалување на производството во преработувачкиот сектор има во одделите за преработувачка на прехранбени производи (за пет отсто) и во производството на облека (за три отсто). Најголем пад во преработувачката индустрија има кај производството на метали од 37 отсто и кај производството на фабрикувани метални производи од 25 отсто. Во другите оддели од преработувачката индустрија има зголемено производство, а највисокото се однесува на преработката на тутун за 27 отсто.

Ваквите состојби во македонската индустрија, според мислењата на повеќе бизнисмени и експерти, треба да се гледаат во контекст на актуелната економска и монетарна политика во земјата. Поголемиот дел преработувачки компании во земјата се соочени со високи трошоци на производство, кои се должат на растот на цените на влезните основни суровини и енергенти, но и на високите банкарски камати, што произлегоа од затегнувањето на монетарната политика, поради обидите за зауздување на високата инфлација во земјата, на сметка на економијата и стопанството. Процените на Народната банка на Македонија се дека во вториот квартал се очекува натамошен раст на економската активност, но тој би бил поумерен. Така, и во овој период се бележи раст на индустриското производство, но истовремено кај прометот во вкупната трговија и градежништвото се забележува реален годишен пад, по нивниот раст во претходниот квартал.
Забавувањето на растот на индустриското производство е условен и од намалениот економски раст на Германија, која во последните два последователни месеца бележи пад на индустриското производство.
– Индустријата поврзана со производство на автомобилските делови минатата година го достигна дното, исто како и генерално автомобилската индустрија во Европа. Во првите пет месеци од оваа година имаше драстично зголемување на продажбата на возила во Европа, но тоа зголемување пред сѐ е поради онаа побарувачка на возила што беа нарачани минатата година. Германија и земјите околу неа или се во рецесија или се некаде околу позитивна нула на економски раст. Сепак во втората половина на оваа година мислам дека бројките за пораст на продажбите споредено со лани ќе бидат побалансирани – изјави Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори во Стопанската комора на Македонија.
Бизнисмените соочени со инфлаторните движења којзнае по кој пат укажуваат дека за излез од кризата ни се потребни длабоки економски реформи што би се спровеле интегрално.

– Единствено решение е во ваква ситуација е да се направат длабоки економски реформи, со кои ќе се излезе од овој затворен круг. Да се обидеме барем малку да го заживееме стопанството, па да дојдеме до двоцифрен економски раст. Но, за такво нешто ни е потребен интегрален настап на бизнис-секторот и на Владата, која треба да ги препознае нашите потреби и практично да ни излезе во пресрет, а не само декларативно да нѐ поддржува. Се разбира, за да се реализира тоа, потребно е да се вклучат и монетарните власти, кои ќе ни овозможат пристап до евтини кредити. Само така, координирано, со интегрален настап, можеме да постигнеме нешто повеќе – порачуваат од бизнис-секторот.
Според Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата, рано е да зборуваме за стабилна економија во време кога сѐ уште има неизвесност. Народната банка продолжува да ја зголемува каматната стапка на благајничките записи како заштита од инфлацијата. Според експертите, во моментов каматната стапка е највисока во последните десетина години. Од неа зависи и какви ќе бидат каматите на кредитите што ги нудат банките, а повеќето веќе ги поскапеа своите услуги.
– За стабилизација може да дискутираме кога производство ќе завршува на домашен и странски пазар, но сѐ додека сме увозно зависни, продуктите ќе стануваат сѐ поскапи, а и парите. Самото тоа го најавува НБРМ, самите пари ќе бидат поскапи, без разлика дали ќе се трошат за инвестиции, за потрошувачки, за враќање долгови, мора да почекаме или добро да размислиме и да се фокусираме на домашното производство – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата. М.Ј.