Министерот за земјоделство Љупчо Николовски изрази подготвеност за средба со претставници на оризопроизводителите, за да ги слушне барањата што тие ги изнесоа на вчерашниот протест и блокадата на магистралниот пат Кочани – Штип.
На денешниот брифинг со новинари, на кој беше претставен нов модел за субвенционирање преку програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, тој нагласи дека поддршката за оризот ќе продолжи, а тој ќе стане стратешка земјоделска култура.
– Имаме потсекторски групи и наши економски социјални партнери, секојдневно се среќаваме со сите, до мене лично не е стасано барање, но ние сме отворени за граѓаните. Со низа мерки и политики даваме силен акцент на оризопроизводството и на наша иницијатива легислативата се менува, сè со цел оризот да стане стратешка култура што ќе биде откупувана од страна на стоковите резерви. Го исполнивме и клучното ветување дадено пред граѓаните, а тоа е интервентниот фонд, интервентната програма, и сме единствената земја во регионот којашто ја има. Сите барања што се доставени, и за средби и за конкретните состојби, ќе бидат разгледани и од мене и од мојот тим, буквално секој ден сме на терен и токму врз база на тоа искуство го предлагаме новиот концепт – истакна министерот Николовски.
Според ресорниот министер, поддршката за оризопроизводството во изминатите неколку години е сериозно подобрена, при што нагласи дека субвенциите по хектар се зголемени за 300 проценти, воведена е развојна субвенција, со навремена исплата на финансиската поддршка, а пред неколку дена биле потпишани десетина нови договори за набавка на специјални комбајни.
Годинава двојно зголемено производството на сончоглед за масло за јадење
Годинава двојно е зголемено производството на сончоглед како суровина за производство на масло за јадење, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Голем придонес за ова, според министерот, е успешната политика на субвенционирање на земјоделците, која беше воведена по енормното поскапување на зејтинот во маркетите.
– Политиките кои се воведоа на почетокот на годината во делот на сончогледот се и еден од примерите и фундаменти токму нa овој концепт што денеска го зборуваме, каде што субвенциите по површина сончоглед, вкупните субвенции, фармерите, производителите може да ги добијат доколку го предадат кај регистрирани преработувачи. Целта е да финансираме сончоглед кој ќе служи како суровина за масло зa јадење, а ќе ги користиме и капацитетите на нашите домашни преработувачи кои имаат капацитет и кои увезуваат – рече Николовски по денешниот брифинг, во одговор на новинарско прашање.
Како што рече, станува збор, за двојно зголемено производство – околу 6.000 хектари се површините со пролетната сеидба со која што се опфатени.
-Голем број добија. Сите аплицираа за поддршка за вештачко ѓубриво од 30 проценти, и очекуваме над 10.000 тони сончоглед, што значи удвојување на производството само за краток период и покривање на две месечни потреби на државата од увозот на сончоглед којшто го имаме – додаде Николовски.