Во четвртиот квартал на 2022 година имаме остварено бруто-домашен производ од две милијарди евра. Ако земеме предвид дека имаме околу 690.053 вработени и ако ова го поделиме со бројот на работни часови во овој квартал, излегува дека имаме остварено само 5,79 евра БДП на еден работен час. Од друга страна, бруто-платата на крајот на 2022 година изнесувала 835,56 евра или 4,74 евра на час. Сето ова зборува дека нашата продуктивност е на дното на Европа и ако сакаме поголем стандард на населението мораме да ја зголемиме продуктивноста
Бруто-платата по час во Македонија
е 4,74 евра, а во Луксембург 50,7 евра
Македонските работници се наоѓаат на дното во однос на бруто-платата по час во споредба со земјите од Европската Унија. Просечните трошоци за работна сила во целата економија во 2022 година се проценуваат на 30,5 евра на час во Европската Унија и 34,3 евра во еврозоната, што е благ пораст во споредба со 2021 година кога тие беа 29 евра и 32,8 евра, покажуваат податоци од „Евростат“. Има значителни разлики во овој параметар помеѓу земјите-членки на ЕУ, при што најниска бруто-плата по час е забележана во Бугарија (8,2 евра) и Романија (9,5 евра), а највисока во Луксембург (50,7 евра), Данска (46,8 евра) и Белгија (43,5 евра).
Според „Евростат“, во однос на БДП по еден работен час, во Хрватска во 2022 година изнесуваше 21 евро, а бруто-платата на еден работен час беше речиси половина од тоа, 12,1 евра. Во однос на БДП по час, Грција е исто како Хрватска, но нивната бруто-саатница е 14,5 евра. Послаба од Хрватска е Романија, каде што БДП по час е 18,3 евра. Во Полска односот на овие две ставки е 19,1 и 12,5, во Унгарија 20,9 и 10,7. Во Словенија, БДП по час беше 33,8 евра во 2022 година, а бруто-платата по час беше 23,1 евра.
Економистите велат дека колку е поголема вредноста на производството на час работа, толку е поголема платата на час, односно нивото на продуктивност на трудот го одредува нивото на платите.
– Како фактори што можат да влијаат на продуктивноста на трудот, а со тоа и на висината на платите во преработувачката индустрија, дефинитивно треба да се земе предвид уделот на експертите и уделот на техничарите во вкупниот број вработени. Од друга страна, треба да се земе предвид и обемот на инвестиции во машини и опрема на подолг период, бидејќи износот на тековниот акумулиран физички капитал веројатно е пропорционален на обемот на претходните инвестиции – велат аналитичарите на „Евростат“.
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, вели дека нашата држава се наоѓа на дното од табелата во согласност со бруто-домашниот производ од земјите во Европа, а зад нас се само Босна и Херцеговина и Косово.
– Во четвртиот квартал на 2022 година имаме остварено бруто-домашен производ од две милијарди евра. Ако земеме предвид дека имаме околу 690.053 вработени и ако ова го поделиме со бројот на работни часови во овој квартал, излегува дека имаме остварено само 5,79 евра БДП на еден работен час. Од друга страна, бруто-платата на крајот на 2022 година изнесувала 835,56 евра или 4,74 евра на час. Сето ова зборува дека нашата продуктивност е на дното на Европа и ако сакаме поголем стандард на населението мораме да ја зголемиме продуктивноста – објаснува Димитров.
Тој додава дека кога се зборува за продуктивноста треба да сме свесни дека таа не зависи само од брзината со која работат работниците или, пак, од бројот на ефективни работни часови во текот на тие осум часа.
– Продуктивноста зависи и од степенот на технолошката опременост т.е. опремата и алатите што ги користиме, автоматизацијата, дигитализацијата итн. Но најмногу од сѐ зависи од видот на дејноста што ја работиме. По пропулзивните дејности, дејностите со повисока додатна вредност остваруваат и повисока продуктивност, но, за жал, тие бараат и поголеми вложувања по вработен. Ако отвориме ново претпријатие во дејност што бара вложување од 2.000 евра по вработен, мораме да бидеме свесни дека нашата додатна вредност по вработен ќе биде мала. За високоакумулативни дејности се потребни и многу повисоки инвестиции.
Но ние го имаме и другиот проблем на малите вложувања во истражувања и развој и нискиот квалитет на образованието. За високотехнолошките компании се потребни високообразовани кадри со многу знаење. За жал, нашите дипломи не гарантираат високо ниво на знаење – укажува Димитров.
Како што вели тој, како граѓани на оваа држава мораме да сфатиме дека платата и стандардот директно зависат од вредноста што ја создаваме. За жал, додава Димитров, во Македонија сите зборуваат за тоа колку ни е потребно за нормална живејачка, колку имаме помали плати од другите, а многу малку се зборува – како да ја зголемиме продуктивноста, како да произведуваме повеќе за да можеме да трошиме повеќе.
– Разните политички и економски егзибиции на краток рок можат да дадат некакви лажни резултати, но на долг рок само може да ја зголемиме задолженоста и да предизвикаме инфлација. Познатиот економист Адамс Смит рекол дека „можеме да го потрошиме само она што сме го произвеле“ – појаснува претседателот на Собранието на ОРМ.