Премиерот Христијан Мицкоски очекува во текот на деновите да го добие извештајот од надлежните институции, кој потоа детално ќе биде анализиран од страна на Владата. Врз основа на таа анализа, ќе бидат донесени конкретни мерки насочени кон заштита на животниот стандард на граѓаните и спречување на растот на цените на прехранбените производи.
Тој најави дека мерките ќе бидат микро-таргетирани, односно прецизно насочени кон најпогодените категории. Според првичните пресметки, се очекува намалување на цените на горивата – бензините од 95 и 98 октани за околу 1,5 денари по литар, а дизелот за околу 2,5 денари.
Дополнително, како што посочи, компанијата ОКТА нуди попусти од 2 денари за бензин и 3 денари за дизел, што би придонело земјава да има едни од најниските цени на горивата во регионот.
Во однос на критиките од СДСМ, Мицкоски истакна дека Владата веќе презела чекори, потсетувајќи дека Македонија, заедно со Шпанија, беше меѓу ретките што го намалија ДДВ за горивата.
Тој додаде дека ваквите мерки се во согласност со препораките на Европска комисија, која апелира до земјите да ги намалат даноците поради високите цени на енергенсите.
Премиерот најави и дека нема да присуствува на денешната владина седница поради други обврски.
































