Фото: Игор Бансколиев

Според првиот човек на АППТ, се очекува зголемен број на туристи благодарение на договорот со „ТУИ Обединето Кралство“, кој првпат ќе ја сервисира Македонија и кој веќе има закупено дел од летовите на „Виз ер“, од јуни до крајот на октомври

Интервју со Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот

Информациите дека во Македонија минатата година биле регистрирани зголемен број туристи, при што земјата се најде на петтото место во светот како дестинација што била најбарана од туристите, привлече големо внимание. Податоците на Светската туристичка организација говорат дека лани сме имале раст на меѓународни туристички пристигнувања од 139 отсто, а Македонија се најде меѓу топ петте земји, заедно со Црна Гора, Кипар, Малдиви и БиХ. Дали ваквите резултати ќе бидат предизвик оваа година да имаме уште подобри резултати и што сѐ е потребно за да се привлечат повеќе туристи, разговараме со директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски.

Какви се очекувањата за туристичкиот сектор годинава?
– Според резултатите од 2021 година и стратегиското планирање на агенцијата, кое во целост се отсликува во согласност со планираното, очекуваме да имаме подобра година од претходната. И покрај сите предизвици и неверувања на одредени групи, минатата година многумина од туристичките работници ги засукаа ракавите и докажаа дека можат. Минатата година се качивме на високото петто место по број на странски туристи што ја посетиле нашата земја, според Светската туристичка организација. Имавме 52 отсто раст на бројот на туристи во 2021 година, па можам да кажам дека во 2022 година очекуваме уште подобри резултати, над 2,5 милиони ноќевања и да ја надминеме граница од 400 милиони долари прилив во македонската економија од туризмот. Годинава ќе биде приспособување на сето она што го работевме изминативе две години. Во 2020 година бевме лидери во регионот со формирање координативно тело, први направивме процена за состојбите, а заедно со здруженијата и со коморите од туристичкиот сектор креиравме четири сета мерки, кои ги доставивме до Владата и кои беа 95 проценти обработени и имплементирани и тие го дадоа својот ефект и резултираа со раст на бројот на туристи во 2021 година од 135 проценти.
Во текот на 2021 година, со 2,3 милиони ноќевања ние ги постигнавме нивоата како пред пандемијата, односно во 2019 година. Што би се случило ако имаме 3,5 или четири милиони ноќевања, кои се реална можност, со работа во туристичкиот сектор, со насочување на одредени пазари, но и наоѓање нови пазари на кои треба да нудиме нови форми на туризам, како што се руралниот, екотуризмот, алтернативните форми на туризам, кои ќе овозможат локален економски развој, создавање нови зелени работни места, но и ќе овозможи поддршка и отворање мали семејни бизниси.
Каде се потенцијалите за развој на туризмот во Македонија?
– Ако ја земеме 2019 година како последна релевантна година во туристичкиот сектор, во една мината реалност, тогаш ќе видиме дека дури 67 проценти од туристите биле сконцентрирани во Скопје и во Охрид, или во Скопскиот и во Југозападниот Регион. Но во 2020 година најголемиот пад на бројот на туристи го забележаа токму овие два региона. Најтешко закрепнува Скопскиот Регион или дестинациите што ги опслужуваа кружните тури, кои поради корона-кризата беа речиси целосно прекинати. Во 2020 година, најпосетувани беа националните паркови, а малите туристички места што нудат алтернативен или активен туризам доживеаја ренесанса и имаа раст на туристите за дури 10 проценти… Дополнително, растот може да биде поголем бидејќи има посетители што доаѓаат на еден ден, бидејќи нема доволно сместувачки капацитети. Поради овие причини сметам дека треба да се насочат силите кон развивање мали сместувачки капацитети во руралните и екодестинациите и стратегијата на државата треба да биде насочена кон развој на капацитети со максимум 20 легла… Истовремено треба да се овозможи вонпансионска потрошувачка, што ќе влијае позитивно на локалниот развој. Иако агенцијата нема ингеренции, сепак се обидуваме да го поддржиме туризмот преку странски донации, секако, заедно со локалните власти. Постои реална потреба да прераснеме во национално тело што ќе носи политики за развој на туризмот заедно со Министерството за економија и кое ќе овозможи, во соработка со локалните самоуправи и со странски донации, да создаваме дестинации што се привлечни за туристите и кои ќе овозможат локален економски развој.
Колку новините како „Отворен Балкан“ можат да придонесат за развој на туризмот во Македонија?
– Во туризмот нема граници, туристите патуваат до каде што можат. Во рамките на проектот „Отворен Балкан“ може да имаме големи бенефиции, бидејќи кога немате граници што ќе ве спречат да патувате ќе си дозволите повеќе прошетки. „Отворен Балкан“ ќе биде голем предизвик за туристичката индустрија од повеќе аспекти. Од една страна ќе имаме 10-12 домашни туристи, бидејќи ќе бидеме три во едно, но ќе имаме и поголема конкурентност, како во самата дестинација така и пошироко. За нашата земја позитивно би влијаело ако успееме да ја организираме државата на четири туристички дестинации, а збирна точка за сите учесници би било заедничко тело, кое може на почеток да биде управувано од АППТ, заради одржливост, а понатаму од самите учесници. Преку ова тело би се креирале политики на државно ниво, кои ќе создадат поинакви процеси. Наместо да имаме миграции кон градот или надвор од државата, за младите што сакаат да креираат иднина во своето родно место, туризмот е еден од моделите преку кој може да го постигнат тоа.
Како да развиваме алтернативни туристички понуди?
– Сега треба да се работи на туристичката инфраструктура, темели на кои ќе се гради одржлив туристички сектор, во кој професионализмот ќе биде на највисоко ниво, каде што индивидуалниот пристап ќе биде заменет со колективен и на дестинацијата ќе се гледа како на дестинација без граници. Мултипликативниот ефект на туризмот може да овозможи финансиски приливи во дестинацијата и нејзино приближување во инфраструктурните услови со урбаните средини, иако инфраструктурата за алтернативните типови туризам не е најважен, но сепак е доволно важен елемент за привлекување туристи. Нас не ни е потребен квантитет, туку квалитет на туристичката понуда, и тоа во насока на поголем и поквалитетен престој на посетителите во дестинацијата, кои ќе се задржат подолг период во земјава. Во следниве години, до 2025 година, би сакал да ја достигнеме повторно бројката од 1,2 милион туристи, но да го надминеме бројот на ноќевања со уште два милиона. Тоа ќе претставува успех, но мотивот за патување кај туристите е различен и потребен е сериозен пристап во оваа дејност. Треба сите да веруваме дека можеме да привлечеме повеќе туристи во земјава и поголем финансиски прилив, а со тоа и поголем развој, но за тоа да се случи тоа треба сите да работиме посветено.
Како Македонија да привлекува туристи низ целата година?
– Моја визија е дека Македонија е дестинацијата за четири сезони. Руралниот, екотуризмот, алтернативните типови туризам немаат пикови, напротив тие се развлечени и има услови за нив во текот на цела година. Изминатата 2021 година покажа новини, а тоа се резервации во помали хотели, со помалку посетители, бидејќи луѓето се чувствуваа посигурно во помали групи. Туристичката индустрија се приспособува на потребите на туристите и сметам дека тенденцијата да се патува на отворено или во природа ќе остане и повеќе ќе се бара, но и дека и луѓето ќе сакаат да патуваат во помали групи, а туризмолозите ќе им го обезбедат тоа. Ова се гледа и низ фактот што растот на цените што се случи изминатиов период не ги намали посетите на овие дестинации, напротив беа уште побарани.
Што се презема за остварување на плановите за раст на туризмот?
– Во рамките на досегашните активности посетивме неколку саеми каде што сметам дека достојно се претставивме, а благодарение на добрата процена на саемот во Турција наскоро ќе се воспостави авионска линија Измир – Скопје, а веќе има закуп на одреден број седишта од туроператори. Дополнително се обидуваме да направиме чартер-линија Измир – Охрид, која би прераснала во кружна линија заедно со Албанија.
Добра вест исто така е и договорот со „ТУИ Обединето Кралство“, кој првпат ќе ја сервисира Македонија и кој веќе има закупено дел од летовите на „Виз ер“, од јуни до крајот на октомври. Исто така и „ТУИ Полска“ почнува да работи, а од следната година очекуваме и редовна линија. Дополнително очекуваме повеќе посетители преку линијата со Варшава. Очекуваме и поголем број туристи и од соседството, вклучувајќи ги и Грција и Бугарија, а придонес ќе има и авионската линија што се воспостави со Софија, но се залагаме во иднина да се оформи и посебна авиолинија од Бугарија до Охрид.