Ако се појави како нужност, секогаш сме подготвени да излеземе во поддршка на кој било во приватниот сектор или јавниот сектор, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања на прашањето дали ќе донесат иницијатива за предност на превозниците во замената на личните документи.
Во изјава за медиуми по увидот на новоизграденото основно училиште „Визбегово“ во Општина Бутел, вицепремиерот Битиќи рече дека засега немаат такво барање и оти разговорале со Министерството за транспорт и врски.
– Тие немаат посериозни проблеми. Може да има исклучоци од превозниците кои што го немаат решено проблемот со сообраќајните дозволи, возачките дозволи итн., и другата пропратна документација. Ако се појави ова како нужност, секогаш сме кажале дека сме спремни да излеземе во поддршка на кој било – дали е тоа во приватниот сектор, или јавниот сектор, сме помагале кога тоа е потребно. И во овој случај ако е нужно, велам, и повеќе го имаат тој проблем, секако сме спремни да разговараме – изјави Битиќи.
Асоцијаците на превозници во патниот сообраќај „МАКАМ-ТРАНС“ и „Превозник“ денеска упатија допис со барање за овозможување приоритет за издавање на сите потребни документи на превозните трговски друштва до Министерство за внатрешни работи и допис за поддршка до Министерство за транспорт и врски, а поради стапувањето во сила на одредбите од Договорот од Преспа.
Како што истакнуваат, на професионалните возачи, работните активности им зависат токму од овие документи и затоа се обраќаат за помош и поддршка со цел избегнување на застојот во вршење на превозот на стока.