Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, испрати јасни пораки од месечното обраќање

Извозот мора да биде алфа и омега на македонскиот бизнис и да стане врвен национален приоритет, а државата наместо за политичка да се залага за економска дипломатија, порача Бранко Азески, претседател на Националниот совет за извоз на третото месечно обраќање што го организираше Стопанската комора, како дел од своите понови активности.
– Оваа економија без извоз не може да издржи. Доста е од поделби, да се обединиме околу бизнисот ако тој е единствениот кохезивен фактор за да излеземе од ситуацијата во која се наоѓаме. Да склучиме договор со државата за да се регулираат односите меѓу неа и приватниот сектор. Она што ни се случува, со мешањето во работите, го уништува бизнисот. „Нема да работите во недела, толку ќе ставате маржа, толку ќе плаќате минималец…“. Сѐ што се прави се прави за ограничување на самостојноста на субјектите што создаваат и така не можеме да излеземе од ситуацијата. Извозот мора да се дигне на пиедестал – кажа Азески во своето обраќање.

Пред голем број стопанственици, претставници на науката и институциите тој даде и поширок преглед на општественото опкружување. Констатираше дека во државата постои голема поларизација меѓу власта и опозицијата, како и дека земјава од 2006 година е во континуирана кампања што многу лошо се одразува врз бизнисот.
Азески упати и неколку пораки до креаторите на политиките.

Да се подигне на највисоко ниво одговорноста на функционерите и административците, да се заштити земјата од злоупотреба на моќ, да се укинат управните одбори во институциите, кои ги има вкупно 1.320 со 129.000 вработени, да се спречи нерегуларното користење на службените возила со воведување посебни регистарски ознаки, да се ревидираат неработните денови и да се „разбудат“ корективите на власта.
– Очекуваме, како бизнисмени, еднаш во три или шест месеци да ни се каже визијата на државата за ние да го следиме тој процес. Мене ме интересира дали јас вам ќе можам да ви кажам дека можете слободно да ги продолжите бизнисите и инвестициите со Бугарија зашто тоа ќе го направиме и покрај политичките процеси. Бараме таква личност, не да се зборува за локалните проблеми, за тоа нека зборуваат општините. Исто така, популизмот во економските политики, сѐ е врзано со изборите, кои најчесто се предвремени, а кампањите траат континуирано. Сето ова го дрма системот во основа и мора да го надминеме ако сакаме раст на извозот како краен производ, кој ќе ни овозможи повисок стандард и вклучување во евроинтеграциите – нагласи Азески.
Неговите гости, претставници на науката, академик Гоце Петрески и професорот од Економски факултет – Штип, Дарко Лазаров, со бројки и трендови дадоа детален преглед на состојбите со извозот во државата во изминатите 30 години.

Во 1992 година, македонскиот извоз тежел 1,2 милијарда долари, а лани бил 8,7 милијарди долари. Или за 30 години, македонскиот извоз пораснал за седум пати, додека во истиот период Словенија забележала 10 пати поголем раст на извозот, а во Полска извозот пораснал за дури 25 пати.

Во своето излагање, академикот Петрески опфати широки аспекти за промена на културата, за промена на општеството и вложување во образование, а главната порака што произлегува од неговото обраќање е дека е потребна промена на економскиот модел на раст, кој ќе се насочи кон извозот преку градење поголема извозна конкурентност на македонската економија. Бидејќи како мала земја немаме друг избор, освен извозот.

Проф. д-р Лазаров истакна дека е повеќе од јасно дека треба да се преземат две работи: 1) мерки и политики на страна на понудата со цел зголемување на конкурентноста преку вложување на компаниите во современа технологија, вложување во компонента истражување и развој и, секако, квалитетен кадар што ќе може да се вклопи во работните процеси; и 2) мерки и политики на страна на побарувачката, односно што државата, но и сите ние како чинители може да преземеме во градење програми за извозна промоција, градење маркетинг-капацитети, брендирање и вмрежување на компаниите.

На настанот преку видеообраќање своите искуства ги споделија и Оливие Вилокс, претседател на Белгиската стопанска комора, проф. д-р Славо Радошевич од Универзитетскиот колеџ во Лондон (УКЛ) и Иле Николов – генерален директор на компанијата „Актива“ – Штип. Е.Р.