Во Македонија можеме да го зголемиме приносот од пченка и со добро наводнување и добра примена на агротехнички средства и така можеме да покриеме од 60 до 70 отсто од домашните потреби од оваа култура. И натаму ќе зависиме од увоз на пченка, но тој дел сигурно ќе биде помал. Засега сме далеку од периодот од пред триесет години, велат земјоделците во Пелагонија
Нерационалното искористување на природните ресурси длабоко се одразува на земјоделското производство
Само со засадување нови 7.000 хектари пченка под системот за наводнување „капка по капка“ и современа агротехника, Македонија може да го замени годишниот увоз од 62.000 тони. Ова беа прогнозите искажани од координаторот на проектот на УСАИД во далечната 2014 година, при промовирањето на новиот систем за наводнување, во кој требаше да се вклучат 120 земјоделски производители на пченка во Пелагонискиот, Полошкиот, Вардарскиот и Североисточниот Регион. Десетина години подоцна, наместо да ги задоволиме сопствените потреби од пченка, нашата земја сѐ уште ја увезува оваа земјоделска култура. Колку сме „увозно зависни“ од пченката и од пченицата, се покажа и во минатогодишната криза со храна, кога нашиот сосед Србија (по барање од нашите компании) мораше да издвојува од сопствените резерви на овие две стратегиски култури.
Годишното производство на пченка во Македонија во 2021 година изнесува 130.769 тони и бележи намалување во однос на 2020 година, кога се произведени 146.434 тони. Во 2016 година годишното производство изнесува 143.823 тони. Нестабилното домашно производство на пченка се одразува и на сточниот фонд во земјата, кој сериозно се намалува во изминатите години. Најголем пад има кај бројот на говедата, а намалување има и кај овците, свињите и кај живината. Според изјавите на земјоделците, субвенцијата што се одобрува, во висина од шест илјади денари за еден хектар засеан со пченка и пченица, не е доволно да ги покрие зголемените трошоци на земјоделското производство. Овде се надоврзува и проблемот со откупот на домашната пченка, која ги става во финансиска неизвесност индивидуалните производители.
– Македонските земјоделци можат да произведат повеќе пченка доколу се исполнат условите за одгледување на оваа култура. Како прво, ние сме ограничени со земјиште, а исто така и со системи за наводнување. Во Пелагонија нема слободна површина што може да се обработува од индивидуалните стопанства. Јас обработувам 20 хектари и лично не се сметам за голем производител на пченка. Годишно произведувам околу сто тони пченка и од 60 до70 тони пченица. Нема слободни површини за обработка. Тие што се во приватна сопственост се расцепкани, а за поголеми приноси се потребни поголеми парцели засадени со пченка. Државното земјиште што беше на користење од поранешниот земјоделски комбинат е преземено од приватна компанија. Јас имам механизација со која може да се обработува и до 100 хектари, но таа стои практично неискористена. Така е и со сите други земјоделски семејства од Пелагонија што поседуваат опрема од двесте до триста илјади евра, но не можат да се искористат поефикасно – ни изјави Јосиф Стевоски, земјоделски производител од Кравари.
Засеаните површини со пченка се во континуиран пад во последните пет години. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2018 година биле засеани 36.417 хектари, а во 2020-та тие се намалиле на 32.013 хектари. Во 2021 година со пченка биле засеани 30.425 хектари. Намалувањето на обработените површини со пченка е првенствено поради немањето доволно количество вода за наводнување, поради што земјоделците се оставени на „влијанието“ на климатските промени. За одгледувањето на оваа култура е потребно навремено наводнување на насадите, а испразнетите вештачки акумулации го доведуваат одгледувањето пченка под висок ризик. Во најголемите производствени региони на пченка, Пелагонискиот, Полошкиот и Југозападниот, во 2021 година имаме остварено помало количество на пченка во однос на 2020 година. Во Полошкиот Регион, кој изобилува со водни ресурси, за една деценија има помало производство на пченка за седум илјади тони.
– Таму каде што има добри системи за наводнување, имаме и добри приноси по хектар. На моите парцели успевам да извадам по 14 тони пченка од хектар. Ова е добар принос. Во Македонија можеме да го зголемиме приносот од пченка и со добро наводнување и добра примена на агротехнички средства може да покриеме од 60 до 70 отсто од домашните потреби од оваа култура. И натаму ќе зависиме од увоз на пченка, но тој дел сигурно ќе биде помал. Засега сме далеку од периодот од пред триесет години. Како што кажав, на тие што сакаат да одгледуваат пченка им недостига земја. Искуството со битолското село Егри е добар пример за окрупнување на земјоделските површини и сега таму нема парцела под два хектара – вели Стевоски.
Аграрните експерти укажуваат оти договорното производство може да даде плод и дека сега е крајно време да се преземат поиздржани и системски решенија за враќање на домашното производство на храна. Вакви договори може повторно да го поттикнат производството за да се вратат на нивите сите култури што некогаш се одгледувале кај нас. Досегашните истражувања за работата во руралните средини покажале тенденција на напуштање на селата, мигрирање, особено кај помладата популација, а тоа го покажа и последниот попис на населението. Затоа, како посебна мерка би било да се „субвенционира“ и вработувањето на секој нов и млад земјоделец или фармер што би останал да работи во земјоделскиот сектор. Според статистичките податоци, просечната плата во земјоделските и во преработувачките компании е под републичкиот просек или во однос на другите дејности. Тоа ги принудува последните и искусни земјоделци да заминуваат во странство и да работат на нивите, претежно во Италија или во сточарските фарми во Германија. М.Ј.