ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА АКЦЕЛЕРАТОРОТ УКИМ

Акцелераторот УКИМ денеска, во просториите на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, ќе ги претстави резултатите од работењето во изминативе четири години и ќе ги презентира трите нови инвестиции во стартап-компании. Акцелераторот УКИМ е основан во 2018 година од страна на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и уште три содружници со специјалност во управувањето со инвестициското портфолио и развој на бизнисот: РСМ Македонија, развојната фондација „Кримсон“ и фондацијата „Проф. д-р Димитар Стамболиев“. Овие партнерства го прават акцелераторот УКИМ единствен во неговата способност да обезбедува квалитетни и уникатни услуги за заедницата на иноватори и претприемачи, како и совршена можност да се поврзе академијата со приватниот сектор.
Акцелераторот УКИМ започна со активности во 2019 година, а досега реализира комплементарни активности за да го зголеми потенцијалот на младите и иновативни тимови и стартапи за да ги подготви за освојување на глобалниот пазар. Изминатиов период се спроведоа десетина акцелераторски програми за идентификување на комерцијалниот потенцијал на креираните технолошки решенија, во кои учествуваа над стотина тима. Учесниците во акцелераторските програми го дефинираа пазарот што сакаат да го освојат и го адаптираа својот производ во согласност со пазарните потреби и креираа применливи пазарни стратегии. Како резултат на овие активности, се проценија бизнис-потенцијалите на над околу 400 технолошки решенија, со цел да се процент нивниот комерцијален потенцијал и подготвеноста за инвестиција. Ова резултира со инвестирање на 533.000 евра во 10 стартап-компании, кои досега успеаја да мобилизираат дополнителни милион евра од други извори на финансирање.
Изминатиов период се зголеми типот на финансиски инструменти и услуги за поддршка наменети за македонската индустрија, кои имаат цел да ги зголемат иновативноста, продуктивноста и пристапот до нови пазари. Овие услуги се нудат токму и низ акцелераторот УКИМ, кој изминативе години беше поддржан со грант за кофинансирање обезбеден од Фондот за иновации и технолошки развој.

– Акцелераторите се организации што директно им помагаат на стартапите со финансирање преку инвестиција и деловни насоки или менторирање. Финансирањето преку инвестиција најчесто е најраната фаза на финансирање за ваков тип претпријатија и се движи од 10.000 до 150.000 евра или повеќе. Во замена за програмата и финансирањето, стартапите обично му отстапуваат процент на сопственост на акцелераторот. Покрај тоа, улогата на акцелераторите е да им помогнат на стартапите да обезбедат дополнителни/следни рунди на финансирање – вели Александар Стамболиев.
Помеѓу стартапите и другите претпријатија има јасна разлика. Стартапите се новоформирани компании (обично помалку од пет години) со реплицирачки и скалабилен бизнис-модел, заснован на иновативни и/или технолошки производи и услуги. Овие бизниси лесно и брзо можат да целат кон нови и поголеми пазари. Ова се бизниси што нудат иновативни производи и услуги поврзани со технологија и кои не се капитално интензивни, во споредба со потрадиционалните индустрии. Нивната најголема вредност е во интелектуалната сопственост на решението што го имаат.

– Акцелераторите прават паметни инвестиции во просперитетните стартапи и, освен пристап до финансирање, ги поддржуваат талентираните и посветените луѓе да го изградат својот глобален бизнис преку учество во специјализирани и интензивни програми и менторска поддршка. Крајната цел на овие активности е акцелераторите да станат срцето и фокусот на иновативните екосистеми, како и преку овозможената соработка помеѓу истражувачите и размената на идеи, пристапот до капитал и технологии, да придонесат за забрзан економски развој на земјата. Но за успешна реализација на иновација, клучно е да се идентификува реален проблем, за кој тимот составен од иноватори со комплементарни специјалности може да понуди подобро и унапредено решение од оние што постојат на пазарот – вели Стамболиев.
Во денешната презентација на најновите инвестиции ќе учествуваат Тамара Димитрова, коосновачка на „Импала“, Игор Арсовски, основач на „М-букинг софт“, и Енес Ибраими, коосновач на „Клони софтвер“. Модератори на панел-дискусијата ќе бидат Александар Стамболиев и Нина Атанасовска од акцелераторот УКИМ. Свои обраќања за потенцијалите на стартап-компаниите во нашата земја ќе имаат проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, и Фестим Халили, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, додека за постигнувањата на акцелераторот УКИМ во изминатите четири години ќе говори Јаглика Јорданова Андријеска, управувачка партнерка на РСМ Македонија.