Фото: Принтскрин

Илон Маск им нареди на вработените во „Твитер“ да работат деноноќно за воведување на наплата за познатите корисници кои сакаат да го задржат т.н. „син беџ“, со цел да остави личен белег на социјалната мрежа откако стана сопственик на компанијата.

Обновениот напор за приходи од своевидна претплата уследи откако „Твитер“ се подготвува за потенцијална негативна реакција од маркетинг-соработниците, додека Маск ги разгледува можностите за олабавување на контролата на содржината.

Повеќе од 90 отсто од приходите на „Твитер“ се од маркетинг. Пред доаѓањето на Маск имаше напори за убедување на корисниците да плаќаат 4,99 долари месечно за опцијата „Твитер блу“, за да им биде овозможен пристап до дополнителни можности на социјалната мрежа.

Се вели дека Маск сака да го услови поседувањето на верификуван профил на Твитер со „син беџ“ со претплата. Беџот ја потврдува автентичноста на профилот, со што се проценува дека го поседуваат стотици илјади корисници на Твитер, вклучувајќи големи брендови, корпорации, како и славни личности и новинари. Но, опцијата „Твитер блу“ моментно е достапна во САД, Канада, Австралија и во Нов Зеланд.

Маск преку Твитер објави дека „целиот процес на верификација сега е обновен“.

Извор упатен во замислите на Маск во пресрет на зделката за преземање на „Твитер“ од 44 милијарди долари, вели дека било дискутирано за повеќе можности за наплата, вклучувајќи тарифи од 9,99 и 14,99 долари месецчно, со што различни групи на корисници би ги тестирале тарифните модели.

Во анкета на Твитер организирана од советник на Маск, повеќе од 80 отсто од 1,2 милиони учесници одговориле дека не би платиле за верификација на профилот, додека 11 отсто кажале дека би плаќале пет долари месечно, а 5,5 отсто оти би се согласиле да плаќаат 15 долари месечно.

Критичарите велат дека брендовите или личностите кои одбиваат да платат за задржување на синиот беџ ќе бидат ранливи на злоупотреба преку лажни профили.

Во меѓувреме, меѓу вработените во „Твитер“ владее лоша атмосфера поради плановите на Маск за отпуштања, како што наведуваат медиумите. Американскиот весник „Вашингтон пост“ објави, повикувајќи се на извори блиски до Маск, дека неговиот тим планира да отпушти околу 25 отсто од работниците во првиот круг од реструктуирањето. Откако ја презеде контролата врз „Твитер“ минатата недела, Маск ги отпушти главните директори на компанијата, вклучувајќи го извршниот директор Параг Агравал, финансискиот директор Нед Сегал и шефот за правни прашања и политика, Виџеј Гад.