Фото: Игор Бансколиев

Тенденцијата на драматично намалување на домашното производство на пченица и на другите стратегиски земјоделски култури загрижува и предупредува. Најновите случувања и војната во Украина се само уште една потврда за важноста на домашното производство, за да можеме во какви било околности, како војни и непогоди, да имаме доволно за прехрана на нашето население. Во спротивно, стануваме држава што е лесен плен и на политички и на економски план

СТРАТЕГИСКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛСКИ КУЛТУРИ КАКО ВРВЕН ПРИОРИТЕТ

Македонското производство на пченица едвај преживува, бидејќи не постои систем на гарантиран откуп и навремена исплата, ниту планска сеидба или договорно производство, а ретко се прави и интервентен откуп, иако постои законска можност. Сето ова доведува и до намалена употреба на современи технологии и инвестиции во производството и го прави овој потсектор еден од најпорозните, иако е единствениот стратегиски. Бидејќи пченицата не ја користиме само за производство на брашно и леб, туку и за многу други преработки во индустријата за храна, секоја година увезуваме пченица од соседните земји.
За период од 20 години, производството е опаднато за просечни 20 отсто, а од најголемиот подем во 2004 година со 356.825 тони до 200.112 тони во 2017 година разликата е 44 отсто.
Во согласност со податоците на Државниот завод за статистика, во 2009 година со пченица биле засеани 88.151 хектар, додека во 2014 година површините се намалиле на 76.686, а во 2019 година пченица била засеана на 68.847 хектари. Обработливите површини под пченица во 2021 година изнесуваат околу 79.000 хектари и тоа е зголемување за 7 отсто во однос на 2020 година.
По осамостојувањето на земјава, најголемо производство на оваа култура имало во 2004 година, 356.825 тони. Во 2016 година, производството на пченица достигнало 306.433 тони, по што во 2017 година имало пад на производството за околу 100.000 тони и се произведени 200.112 тони. Во 2020 година се произведени 253.000 тони пченица.
Приносите кај оваа култура секоја година се различни. Во 2020 година приносот бил 3.527 килограми по хектар, а во 2019 – 3.485 килограми.
Во споредба со Македонија, во 2020 година Србија произвела 3.537.896 тони пченица, а приносот бил 5.895 килограми по хектар, додека, пак, жетвената површина под пченица била околу 600.000 хектари.
– Секоја држава што има добри услови за развој на земјоделството мора да има своја стратегија за развој на овој сектор, наместо тој етапно да се уништува како во земјава. Имаме неискористени природни ресурси, а големи количества се увезуваат. Тенденцијата на намалување на производство на пченица ќе биде присутна и во иднина, сѐ додека не направиме стратегија за зачувување на домашното производство за да можеме во какви било околности, како војни, непогоди, да имаме доволно за прехрана на нашето население. Во спротивно, стануваме држава што е лесен плен и политички и економски, опасност што претстои во случај на глад, ако дојде до прекин на глобалните синџири за испорака на храната – објаснува Љупче Станковски, претседател на здружението „Агрофаланга“.

Тој посочува дека државата треба да ја изработи стратегијата со која ќе се штити домашното производство, не само на пченицата туку на која било земјоделска култура, појаснувајќи дека таа треба да го стимулира производството, кое ќе обезбеди доволно за домашните потреби, не и за извоз, туку само за покривање на домашните потреби од земјоделски продукти.
– Покривањето на нашите потреби за пченица на годишно ниво треба да ни биде приоритет и стратегиска цел. Кога овие цели ќе станат приоритет на државата, тогаш може да се премине кон искористување на сите потенцијали, кои можат да го зголемат производството по единица површина, а тоа се системи за наводнување, модерна технологија, навремена заштита од болести итн. – смета Станковски.
Според него, додека не се решат најважните проблеми за житопроизводителите, не може да очекува тие да инвестираат или да прошируваат во нова технологија и опрема.
– Ако се случи ова, производителите ќе останат незаинтересирани и излезот ќе го бараат во промена на културите или откажување од земјиштето – вели тој.
Огнен Оровчанец, сопственик на компанијата „Агроунија“, истакнува дека има многу мерки што можат да влијаат врз поголем принос на пченицата, но сепак, временските услови значително влијаат врз оваа култура.
– Ние не можеме да произведуваме колку Војводина, Србија, пред сѐ поради природни предиспозиции, време, врнежи, низината… Но тоа не значи дека треба да се откажеме, напротив мора да се сее пченица, таа е важна за прехрана на населението. Ние имаме драстично намалени површини врз кои се сади пченица, но се надевам дека ќе се зголеми интересот за нејзино одгледување – потенцира Оровчанец.
Професорот на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ), Дане Бошев, вели дека неговиот став отсекогаш бил дека од сопствени извори треба да обезбедиме наше производство.
– Годишно ние од пченица сме зависни од околу 330.000 тони, а од нив 240 илјади тони ги произведуваме. Моменталното производство не ги задоволува домашните потреби, па оттука краткорочно треба да размислиме што ќе правиме за оваа година, но и долгорочно што ќе правиме на ова поле во иднина. Ние мора да го обезбедиме минимумот за сопствените потреби, имаме земјиште, можеби квалитетот не е воедначен, но Македонија има капацитет да се самопрехрани – посочува Бошев.
Покрај приносите, тој вели дека еден од главните проблеми што ја следат македонската пченица е и квалитетот, кој е пресуден за нејзината цена.

 

– За солидни приноси треба да се исполнат повеќе предуслови, покрај квалитетно семе, соодветен период на сеидба, употреба на современа агротехника и мерки за заштита, но неопходни се и добри временски услови – смета Бошев.
Професорот истакнува дека е најбитно прво да се направи анализа на земјата, за да знае земјоделецот со кои ѓубрива да ја прихранува истата таа. Анализи на земјата што се сее треба да се прават на четири години. Тој додава дека за одгледување пченица, најбитно е земјата да содржи доволно калиум и фосфат, па по направената анализа ќе се знае колку и кој од овие типови треба да се стави наесен кога земјиштето се обработува, поточно кога се прави длабоко орање.
Билјана Петровска-Митревска, проект-менаџерка во Националната федерација на фармери (НФФ), вели дека со години укажуваат дека површините со пченица, но и со другите земјоделски култури се намалуваат бидејќи производните цени се со години повисоки од продажните.
– За илустрација, ланската производна цена на пченицата според пресметката на НФФ, изнесуваше 10-12 ден. по килограм, додека продажната цена во екот на жетвата изнесуваше 10-11 ден. по килограм. Површините на пченица можат да се зголемат доколку имаме добра стратегија и планирање на производството. Треба да се работи на подобрување на квалитетот на пченицата, да се наменат субвенциите за вистинските земјоделци, односно земјоделците што егзистираат од производство на земјоделски култури, да се воведе договорното
производство и да се почитува Законот за земјоделство и рурален развој, односно да се спроведе интервентен откуп кога во државата производната цена е повисока од продажната и наедно треба да се складира пченица на соодветни силоси, на тоа треба стратегиски да се работи – потенцира Петровска-Митревска.
Од НФФ велат дека пченицата е единствениот производ во државата што има стратегиско значење, кое е дефинирано во Законот за земјоделство и рурален развој.
– Со производство од приближно 240.000 тони годишно, нашата држава не ги задоволува своите потреби и е увозно зависна од овој производ. Ако направиме една мала илустрација, од 240.000 тони пченица може да се произведат 225.600 тони брашно, тоа би значело дека во Македонија би имале 107 килограми брашно по жител, доколку целата пченица се искористи за производство на брашно. Тоа би значело дека сме на граница на задоволување на сопствените потреби, бидејќи во согласност со статистичките податоци просечниот граѓанин во Македонија консумира околу 105 килограми брашно на годишно ниво. Но бидејќи пченицата не ја користиме само за производство на брашно и леб, туку и за многу други преработки во индустријата за храна, секоја година увезуваме пченица, најчесто од земјите од регионот. Попрецизно, најголем увоз на пченица од околу 17 милиони евра во 2019 година имаме од Србија, која е најголемиот регионален производ (војводинската житница) – споменуваат од федерацијата.
За зголемување на производството на оваа култура, Владата во изминатиот период направи неколку обиди да го направи тоа преку зголемување на субвенциите и воведување зелена нафта, но и да го нормализира откупот на пченица. За годинава таа најави дополнителни субвенции преку интервентниот фонд за субвенции за набавка на ѓубриво за житните култури.

– Ние како министерство и како влада, континуирано преземаме мерки што значат зголемување на домашното производство на жито. За првпат оваа влада воведе мерка за кофинансирање на трошоците за набавка на нафта, која со новите законски измени ќе изнесува 100 отсто, ја зголемивме субвенцијата за пченица за земјоделците што имаат површини од 5 до 50 хектари – изјавија од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство..
Но земјоделците не се задоволни целосно од политиките веќе со децении и предлагаат изготвување одредена стратегија што би го вратила житото на земјоделските површини.
– Владата треба прво треба да реши дали житото е стратегиска култура и така да се однесува кон земјоделците што ја произведуваат. Потребни се стимулации и добра откупна политика. За поголемо производство, земјоделците треба да добијат субвенции пред производство, а не по жетвата, бидејќи семенскиот материјал, нафтата и ѓубривата се потребни пред да почне сеидбата. Државата треба да обезбеди репресирани: нафта, семенски материјал и ѓубрива за да може земјоделецот да го издржи високиот трошок, а со тоа да обезбеди храна и за другите граѓани во земјава. Дополнително, откупната политика не треба да се остави да ја прават само трговците, туку во неа активно да учествуваат и Владата и земјоделците, а е потребно и подобрување на кооперативните односи земјоделец – мелници – вели претседателот на асоцијацијата на земјоделски производители, Пецо Стојановски.
Тој додава дека годинава пченицата ќе има пониски приноси од очекуваното бидејќи не може да се прихрани.
– Годинава голем дел од површините под пченица нема да бидат прихранети поради недостигот од ѓубрива и нивната висока цена. Трговците велат дека набавната цена стигнала до 2.900 денари за вреќа ѓубриво, а продажната ќе биде повисока, но и покрај тоа не можат да набават ѓубриво. Тоа ќе се одрази врз приносите на пченицата, но и на нашите приходи, кои нема да бидат доволни да ги покријат трошоците – смета Стојановски.