Курсот на еврото во однос на доларот на светските пазари минатата недела порасна за речиси два отсто во прва половина од годината, како последица на најавата на Европската централна банка (ЕЦБ) за дополнително зголемување во каматните стапки, пренесува МИА.
Индексот на доларот, кој го покажува движењето на вредноста на американската валута во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела остана речиси непроменет на ниво од околу 102,90 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на европската валута се намали за 0,2 отсто, па цената на еврото достигна 1,0910 долари. Но, доларот порасна во однос на јапонската валута, за 0,4 отсто до 144,30 јени, блиску до највисокото ниво во повеќе од седум месеци.
Претседателот на американската централна банка Џером Пауел рече дека каматните стапки веројатно ќе продолжат да растат и дека не очекува тие да се намалат оваа година, бидејќи инфлацијата се уште е далеку над целните нивоа.
Официјални претставници на ЕЦБ, исто така рекоа дека каматните стапки ќе треба дополнително да се зголемуваат и дека се уште не размислуваат за нивно намалување.
Претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард посочи дека поради упорно високата инфлација не можат да го прекинат циклусот на зголемување на каматните стапки.
По повеќе од една година покачување на каматните стапки, тој циклус завршува. Сепак, остануваат прашањата колку повеќе централните банки ќе ги зголемат каматните стапки оваа година, до кои нивоа и колку долго цената на парите ќе остане на овие покачени нивоа.
Курсовите на валутите варираат во последните месеци во зависност од тоа какви шпекулации преовладуваат на пазарот во однос на одговорите на овие прашања.