Фото: Игор Бансколиев

 

АД ЕСМ продава ноќни вишоци на електрична енергија по пат на јавна аукција и наддавање од заинтересираните купувачи. Како што информираат од компанијата, за периодот од 20 до 26 август годинава продадени се 1.750 мегават-часови електрична енергија по цена од 303 евра за мегават-час.

Понуди, посочуваат, дале четири понудувачи, и нивните последни понуди на крајот на наддавањето биле:140, 266, 293 и 303 евра за мегават-час.

– Избрана е највисоката понуда која е добиена. Со оглед на цените кои се добиени од повеќе понудувачи, јасно се гледа дека постигната цена е таа која е реална за предметните шест дена – велат од ЕСМ.

Нагласуваат дека на нивните аукции за ноќни вишоци енергија од 2 до 7 часот може да се пријави да купи секој субјект кој е на слободниот пазар: трговци, стопански субјекти, државни институции итн., доколку имаат потреба од електрична енергија во тие часови.

Во однос на изјавите и споредбите на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од ЕСМ порачуваат дека не вршат продажба на енергија на HUPEX, туку продаваат во земјата.

– Сите трошоци понатаму доколку таа енергија се носи надвор, ги сноси купувачот, како што се закуп на прекугранични капацитети и други издадоци на берзанското тргување, кои ја покачуваат крајната цена на берзата, појаснуваат од АД ЕСМ.

Од компанијата наведуваат дека кога веќе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ сака да говори на темата купување и продавање електрична енергија, повторно потсетуваат дека Мицкоски е тој кој во неговиот мандат во АД ЕСМ „купуваше електрична енергија по 250 евра за мегават час во време кога струјата се продаваше по 70 евра за мегават час“.

– Секој човек со барем малку лично достоинство ќе размисли пред да влегува во вакви извртувања на фактите како денешното, и лажно претставување на податоци во услови на глобална енергетска криза, додека за своите постапки кога немало криза-никогаш не дал одговор, порачуваат од АД ЕСМ. вј/сп/