Фото: Игор Бансколиев

Во време на војни и глобална економска криза неизвесноста се зголемува и миграциите често стануваат попривлечни. Колку луѓето се помлади и посиромашни веројатноста за миграција е поголема. Не изненадува тоа што луѓето од земјите со ниски приходи сакаат да мигрираат во места каде што животниот стандард е повисок и имаат поголема можност за докажување, просперитет и благосостојба

Висок потенцијал на Македонија за економска емиграција

Жителите на понеразвиените држави, во кои припаѓа и Македонија, се многу повеќе сензитивни на глобалните процеси во светот, како што е економската миграција. Оваа констатација сѐ уште се потврдува и се покажува како константа во многу истражувања во минатото, но и сега.
Во актуелното истражување и анкета што ги спроведе „Галуп интернешенел“ со седиште во Цирих се констатира дека миграцијата на работната сила претставува глобална појава при што дури 36 отсто од луѓето во светот би емигрирале од своите земји.

Тренд на пораст на емиграциониот потенцијал

Во споменатата анкетата на „Галуп интернешенел“ од Цирих учествувале граѓани на 57 земји, кои одговарале на прашањето: Дали би живееле во сопствената земја или би се отселиле?
Во споредба со претходните студии, регистриран е пораст на т.н. емиграциски потенцијал. Ова не е за изненадување, зашто младите генерации, вклучувајќи ги и тие во Европа, се сѐ помобилни.
Во некои од заклучоците на анкетата спроведена од Институтот за истражување на пазарот и јавното мислење, со седиште во Цирих, (која од 1979 ги мери чувствата на надеж и среќа, како и економските очекувања во светот), се потенцира дека „сиромаштијата, урбаното население во многу делови во светот, а посебно во таканаречените земји во развој, ги принудуваат луѓето да сакаат да заминат на подобро место за живеење“. Во истиот контекст е констатацијата дека „многу успешни лица од малите земји често не гледаат доволно потенцијал да ги развијат своите вештини на малиот пазар во своите држави, па емигрираат надвор од своите држави во потрага по подобар живот.
– Луѓето мигрираат од многу различни причини и миграцијата во некои граници е нормална и во многу случаи и позитивна. Нашата студија открива дека глобалниот просек од една третина возрасна популација била подготвена да емигрира. Но мора да се нагласи дека нашиот индикатор е – многу општ. Сепак, тој е добар индикатор за субјективното и личното расположение меѓу местото во кое живее и квалитетот на животот што некоја личност го очекува – вели Канчо Стојчев, претседателот на „Галуп интернешенел асоциејшен“.

Миграцијата денеска е повеќе мобилност отколку неопходност?!

Во време на војни и глобална економска криза неизвесноста се зголемува и миграциите често стануваат попривлечни. Колку луѓето се помлади и посиромашни веројатноста за миграција е поголема. Не изненадува тоа што луѓето од земјите со ниски приходи сакаат да мигрираат во места каде што животниот стандард е повисок и имаат поголема можност за докажување и за заработка. Меѓутоа, миграцијата денеска е повеќе мобилност отколку неопходност, за што неизбежно е влијанието на глобализацијата, смета Стојчев.
Внатрешната миграција во Европската Унија е динамична и многу Европејци би мигрирале затоа што можат да го направат тоа. Во земјите што не се членки на ЕУ, а кои биле опфатени со истражувањата меѓу кои се Македонија, Босна и Херцеговина, Ерменија, Грузија, Казахстан, Косово, Молдавија, Руска Федерација и Србија условите за мобилност и геополитички ориентација се различни. Овие земји се разликуваат по тоа дали е можно да се мигрира и каде. Само 23 отсто од жителите на Молдавија сакаат да мигрираат, што е многу помалку од Босна и Херцеговина со 48 отсто и од Македонија со 42 отсто, покажало истражувањето на институтот од Цирих.
– Случаите во БиХ и во Македонија се различни. Овие две земји се далеку од пристапувањето во Европската Унија и луѓето не сакаат повеќе да чекаат. Доколку се чувствувате дека некое место пропаѓа, клучното прашање не е зошто треба да заминете, туку зашто треба да останете. Во овие две земји, бројот на лицата што би емигрирале е за околу 50 отсто повисоко од просекот на ЕУ – појаснува Канчо Стојчев.
И македонскиот Институт за политички истражувања од Скопје констатира дека 30 отсто од испитаниците размислуваат да заминат од Македонија

Податоци за „висок потенцијал за економска емиграција“ во нашата земја се покажаа и во други истражувања. Имено, деновиве во домашната јавност беа објавени податоците од истражувањето на Институтот за политички истражувања во Скопје спроведено во декември лани, во кое околу 30 отсто од испитаниците одговориле дека размислуваат да заминат од Македонија. Но тоа што загрижува е што 45,3 отсто од анкетираните лица, кои одговориле дека ќе заминат, се од 18 до 29-годишна возраст. Од лицата што се на возраст од 30 до 39 години околу 44 отсто изјавиле дека сакаат да заминат од земјата. За тоа колкава е веројатноста дека ќе заминат во следните пет години со „да одговориле“ 10,2 отсто од испитаници. И овде процентот на помладата популација е повисок, а во следните пет години со сигурност би заминале 21,4 отсто од лицата на возраст од 18 до 29 години. Колку е повисока старосната граница на луѓето толку е помала веројатноста тие да заминат. Над половината или 54 отсто од испитаниците изјавиле дека нема да заминат од земјата.
Гледано низ официјални статистички податоци, бројот на трајно отселени лица од Македонија е загрижувачки. До пред пет години таа бројка изнесуваше над 670 илјади. На последниот попис биле регистрирани 204.194 нерезидентни лица, од нив една четвртина биле на возраст од 18 до 45 години. Или, според податоците на Евростат, во периодот од 2013 до 2021 од Македонија заминале 40.700 лица, кои добиле работни дозволи во земјите од ЕУ, и тоа најмногу во Германија. Една третина од нив се млади лица. М.Ј.