Фото: Игор Бансколиев

Домашните големи компании предупредуваат на отпуштање работници поради енергетскиот ценовен шок, додека странските компании што работат во економските развојни зони не најавуваат сериозни нарушувања во тековното производство. Во што се состои и зошто има различни перцепции за проектираното производство за домашните и за странските компании ако имаат еднакви услови за работа?

Домашните и странските компании со дијаметрално спротивни перцепции за своето производство

По одржувањето на седницата на Економскиот совет на Владата нема никакви нови сознанија дека ќе се надмине енергетската криза со која се соочуваат поголемите домашни македонски компании. Со тоа, продолжува неизвесноста за редовна испорака со поевтина цена на електричната енергија за стопанските субјекти, кои се оставени да ја набавуваат на слободниот пазар на енергија. Нешто што се појави како најнова информација проследена во јавноста беше дека „владините претставници оствариле контакти со странските компании (кои беа посочени од опозицијата), за кои беше речено дека можат да обезбедат поевтини извори на енергија за стопанството и за капацитетите за производство на топлинска енергија“.

По празникот, конкретни и дополнителни мерки за поддршка на домашното стопанство

Од Владата, донесувањето конкретни и дополнителни мерки за поддршка на македонската економија и за граѓаните ги одложија за работната седмица по празникот 11 Октомври.
Како спас на состојбата, компаниите гледаат и во преговорите со Бугарија за испорака на поевтина електрична енергија за стопанството. Но засега мала е веројатноста за брз договор со Европската Унија за користење на европските солидарни фондови и да го ублажи ценовен шок на кој е изложена Македонија. Во меѓувреме, секоја од компаниите ги прави сопствените пресметки и бизнис-планови за наредниот период.
Од друга страна, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски, во јавноста влева оптимизам за работењето на странските компании во ТИРЗ, поточно за снабдувањето со гас кај компаниите од технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ).
– Засега нема никакви индикации дека постои ризик или некаков проблем во снабдувањето со гас кај компаниите од технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ). Поради скапата струја моментно нема најави за евентуално намалување на капацитетите или за некакви временски решенија во однос на вработените. Од компаниите во технолошко-индустриските развојни зони во првите три квартали годинава е регистриран вкупен извоз од 2,8 милијарди евра, а само во септември извозот достигнал половина милијарди евра – изјави директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
– Бројот на работни места во зоните продолжува да расне и во септември. Во почетокот на годината беше 14.100, а во септември заврши со 15.600, што е зголемување од 12 отсто. Очекувам овој тренд да продолжи зашто се зголемува и обемот на активности. Економијата во зоните и покрај предизвиците го одржува трендот на добри резултати. Во септември извозот беше половина милијарди евра и ова досега е најдобриот месец, и од аспект на извозот и од аспект на увозот. Во првите три квартали годинава, пак, е регистриран вкупен извоз од 2,8 милијарди евра, а лани цела година беше три милијарди евра. Тоа значи дека оваа бројка ќе ја надминеме и повторно ќе имаме рекордна година од аспект на економска активност. Увозот расте, но со побавна динамика, а разликата со извозот се задржува на стабилни 13 проценти – нагласи Деспотовски.

Бошков: Веројатно, државата нема да си дозволи околу 350.000 вработени да останат на улица?!

Миле Бошков од Конфедерација на работодавачи смета дека Министерството за труд и социјална политика и Владата нема да си дозволат околу 350.000 вработени да останат на улица и да бидат социјална категорија, на социјална помош.
– Тоа не може да си го дозволи државата, а сметам дека не може да си го дозволи ни самото стопанство, бидејќи поголемиот дел од компаниите во Македонија се одржливи и на долг рок. Слушаме од политичарите дека договараат нови начини, нови извори на енергија од каков било тип, меѓутоа, како конкретна мерка очекуваме дека пред сѐ микро, малите, средните компании, занаетчиите да имаат можност да бидат тарифирани во тарифа што не влегува во тарифа за индустриска струја. Ние доставивме такво барање како една конкретна мерка, а исто така бараме и субвенционирање, олеснување или, пак, блок-дотации во однос на електричната или која било енергија – вели Бошков.
Од Стопанската комора на Македонија предупредија дека без државна поддршка десетте најголеми потрошувачи на електрична енергија, кои имаат 6.000 вработени и приход од милијарда евра, наредната година, според овие цени, би требало да платат половина милијарда евра, со што ќе се наруши нивната конкурентност и ќе се удри врз темелите на македонската економија. За другите компании на слободниот пазар се предлага, врз основа на сите компаративни анализи, да добијат определена базна цена над која државата би ги покривала трошоците и со тоа би се создале неопходните претпоставки за некаква предвидливост, која е основа на бизнисот.
По Економскиот совет со соопштение излегоа од Сојузот на стопански комори, од каде што велат дека уште во август доставиле 14 барања за мерки од кои со најголемо значење се тие за ограничување на цената на струјата до одредено ниво до кое ќе ја плаќаат претпријатијата, додека над тоа ниво да ја плаќа Владата преку фондови наменети за енергетска кризна состојба, како и обезбедување струја од домашните производни капацитети по поповолна цена за стопанството. М.Ј.