Фото: Принтскрин

Истекувањето на нафтоводот „Дружба“ што пренесува нафта од Русија до Европа ја зголеми загриженоста за енергетската безбедност додека министрите од ЕУ работат на предлозите за кризата во снабдувањето со гориво со која се соочува Стариот Континент пред зимата, објавува „Ројтерс“.

Полска наведува дека истекувањето на еден од цевководите што ја снабдува Германија со нафта веројатно претставува несреќен случај. Полскиот оператор на нафтоводот „Перн“ синоќа открил истекување на една линија од нафтоводот што пренесува нафта од Русија во Европа. „Перн“ соопшти дека причината за истекувањето е непозната. Откриен е во дел од цевка на околу 70 километри од централниот полски град Плоцк.

„Дружба“ е еден од најголемите нафтоводи на светот. Изграден за време на СССР, нафтоводот почнува во централна Русија и ги поврзува нафтените полиња во западен Сибир со големите рафинерии во Европа.

„Дружба“ има капацитет да испумпа повеќе од два милиона барела нафта дневно, но искористеноста е значително намалена во изминатите неколку месеци поради влошувањето на односите помеѓу Русија и Западот.

Нафтоводот се дели на две линии од кои поголемата, северната, оди кон Полска и Германија. Овој дел испумпува околу два милиона тона или 490 илјади барели дневно во изминатите неколку месеци.

Јужниот дел ги снабдува Словачка, Унгарија и Чешка, со вкупно милион тони нафта месечно или 245 илјади барели дневно.

Членките на ЕУ бараат начини за намалување на зависноста од руските енергенси по избивањето на војната во Украина, што европскиот блок го чувствува со зголемувањето на цените на гасот за речиси 90 отсто во однос на претходната година.

Министрите за енергетика од ЕУ се среќаваат денеска во Прага во обид да се договорат за нови мерки за снабдување со кризата. Повеќето држави сакаат да воведат ограничување на цената на гасот, но постојат несогласувања за начинот на кој би била спроведена оваа практика.