На самитот на студентите на правните факултети од Западен Балкан, под името „Охридски конгрес на правото 2022“, во наредните четири дена ќе се следат стручни предавања, ќе се разменуваат искуства, ќе има дебатни маси, но ќе има време и за спортски турнири меѓу студентите, вечерна дружба и посета на „Свети Наум“ и прошетка низ Охрид

Од утре до недела, во Охрид, најголем собир на млади правници студенти од Балканот

Од утре до недела, 16 октомври, во Охрид ќе се одржи „Охридски конгрес на правото 2022“, со учество на околу 150 млади правници студенти од просторот на Западен Балкан. Македонија за првпат е домаќин на овој конгрес на младите правници студенти, а тој ќе се одвива во хотелот „Силекс“ во Охрид. Темата на конгресот е „Положбата на судиите на Балканот и нивна институционална и лична независност“.
– Имаме различни предавачи од секоја област за судството, како што е и темата на самиот конгрес, кој е во организација на Факултетското студентско собрание и студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Иницијативата за овој конгрес дојде од искуството што го стекнавме на конгресите на Западен Балкан организирани од нашите колеги. Конгрес за студентите по право се организира секоја година во некоја од државите на Западен Балкан. Последниот таков конгрес се одржа во Будва, Црна Гора, во организација на Правниот факултет во Подгорица. Тоа беше исклучително успешен собир, на кој остваривме плодна соработка со студентите и со претседателот на Факултетското студентско собрание, Андреј Вукчевиќ, која трае и до ден-денес. Токму од нашите колеги од Факултетот во Подгорица имаме најголема поддршка за овој конгрес во Охрид, секако тука се и студентите од Правниот факултет во Ниш, па благодарение на нашите досегашни контакти успеавме за првпат да ја добиеме организацијата на еден ваков собир кај нас – ни изјави Тијана Тесалоника Шишкоска, членка на организацискиот одбор на „Охридскиот конгрес на правото 2022“.
Според агендата, конгресот официјално започнува утревечер, во хотелот „Силекс“, со обраќање на градоначалникот на Општина Охрид – г. Кирил Пецаков, и на деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје – професор д-р Сашо Георгиевски, а потоа се предвидени пригоден коктел и меѓусебно запознавање на учесниците.

– На овој конгрес како предавачи се предвидени професори од Правниот факултет при УКИМ во Скопје, професорите Димитар Гелев и Тимчо Муцунски, потоа други многу искусни познавачи на правото, меѓу кои и Ѓорѓи Сламков, поранешен претседател на антикорупциската комисија, кој ќе говори за судството и борбата против корупцијата, Јован Андоновски, заменик-народен правобранител, Никола Довлев – јавен обвинител во Основното јавно обвинителство – Охрид, Билјана Белевска Пројковска – судијка во Основниот суд – Охрид, Елена Гошева, поранешна претседателка на Уставниот суд – вели Шишкоска.
Покрај предавањата на конгресот, планирани се и дебатни и спортски турнири меѓу студентите, вечерна дружба и посета на „Свети Наум“, а по завршувањето на работниот дел, разгледување и прошетка низ Охрид.
Шишкоска додава дека покрај студенти од факултетите на Западен Балкан, поканети се и студенти од другите правни факултети во Македонија, а своето доаѓање го потврдиле студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

– Ова ќе биде одлично искуство за нас како организатори, да бидеме добри домаќини, со надеж дека и следната година ќе имаме можност да ја продолжиме традицијата и да го организираме овој конгрес повторно. Сакам да потенцирам дека ова е одлична можност за студентите да разменат мислење и искуства со другите колеги од Балканот, а секако и со предавачите – додаде Шишкоска.
„Нова Македонија“ е медиумски покровител на конгресот.