Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во саботата изврши над 250 надзори и контроли на територија на целата држава. Од надзорите и контролите е утврдено дека поголем број од трговците ги почитуваат одлуките на Владата за замрзнување на цената на лебот до 33 денари и за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед.
-Леб се продава од 28 до 33 денари, зависно од грамажата и градот во кој се вршени надзорите и контролите, a трговците на големо и мало со прехранбени производи, генерално ја почитуваат обврската да го произведуваат и да го ставаат во промет лебот опфатен со Одлуката на Владата, во количина од најмалку 80 отсто од производството на овој леб во декември 2022 година – наведува Инспекторатот.
Онаму каде што се констатирани прекршувања, издадени се вкупно шест прекршочни платни налози и тоа во висина од над 960 000 денари.
Државниот пазарен инспекторат најавува дека и понатаму интензивно ќе спроведува контроли и надзори по одлуките на Владата.
-Нема да има отстапувања и ќе биде казнет секој оној кој пробал на било каков начин да изврши прекршување на овие Одлуки. Апелираме трговците да ја адаптираат цената и доставата на лебот во согласност со Одлуките, бидејќи во спротивно ќе се соочат со казни кои се многу високи, и изнесуваат од 800 до 10 000 евра, во зависност од големината на економскиот субјект, а во надлежност со Законот за трговија – соопштува ДПИ.