Саудиската државна нафтена компанија „Арамко“ ја намали цената на својата нафта „араб лајт“ за Азија за два долара за барел, што е поголемо намалување отколку што очекуваа многумина. Истовремено ова е и најголемо намалување на цената во последните 13 месеци, а наедно тоа значи дека нафтениот гигант ја намали февруарската официјална продажна цена на сурова нафта од Саудиска Арабија на најниско ниво во последните 27 месеци.
Со тоа Саудиска Арабија ги намали цените на суровата нафта за февруари за сите купувачи, не само за азиските, како што беше вообичаената практика. „Арамко“, исто така, ја намали цената на суровата нафта за два долара за барел за северноамериканските купувачи, при што европските купувачи добиваат попуст од 1,50 до 2 долари за барел.
Истражувањето на „Блумберг“ од пред еден месец покажа дека „Арамко“ ќе ги намали цените поради зголемената конкуренција на азискиот пазар и поевтината сурова нафта од САД и Европа.
Под притисок на саудиските намалувања и стабилното снабдување од главните производители, кои преовладуваат поради ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток, цените на нафтата паднаа на 75 долари на меѓународните пазари во понеделникот. Во првата седмица од новата година, пазарите беа вознемирени од продолжената ескалација на тензиите на Блискиот Исток и честите напади на јеменските Хути во Црвено Море врз бродови поврзани со Израел. Јеменските Хути ги објаснуваат нападите со поддршка на Палестинците во Појасот Газа под израелска окупација, а САД организираа меѓународна коалиција, која, како што велат, треба да ја заштити пловидбата на клучната маршрута за светската трговија.
Во првите три месеца од 2024 година, Саудиска Арабија и Русија поддржани од уште неколку земји значајни производители, како што одлучија во ноември, ќе ја намалат понудата за дополнителни де факто околу 700.000 барели дневно со цел да ја приспособат на намалената побарувачка во услови на ослабена економска активност и да ги стабилизираат цените. Е.Р .