Илон Маск/Фото: Принт-скрин

Најбогатиот човек на светот и основач на компаниите „Тесла“ и Спејс екс“, Илон Маск,  вчера соопшти дека се повлекува од договорот за купување на „Твитер“ вреден 44 милијарди долари, обвинувајќи ја компанијата дека одбива да дава информации за лажните профили, пренесоа светските медиуми.

Раководството на „Твитер“ набргу потоа најави дека ќе го тужи Маск за непочитување на договорот. Aдвокатот на Маск, пак, чие богатство моментно се проценува на 233,7 милијарди долари, во писмо до колегата што го застапува „Твитер“, наведува оти неговиот клиен го откажува договорот поради „прекршување на повеќе прописи“.

Згора, вредноста на акциите на „Твитер“ вчера се намали за пет проценти на 36,81 долари, што е значително под сумата од 54,2 долари, колку што Маск беше подготвен да плати за акција при договорената зделка.

Маск навидум изнесува тврдење дека не должи милијарда долари за раскинување на договорот, според универзитетскиот професор Карл Тобиас. Познавачите на состојбите предвидуваат дека следното поглавје помеѓу милијардерот и „Твитер“ ќе биде судска битка.

Намерата на Маск за раскинување на договорот со „Твитер“ наиде на потсмев меѓу одредени јавни личности кои ги изнесоа своите ставови токму на социјалната мрежа.

„Ракетното момче се откажа“ напиша на Твитер, Ентони Кастро, извршниот директор на компанијата „Ејајтакс“.